Владетелската палата од Билазора 70 проценти е истражена
— 14 јули, 2015Станува збор за еден од најзначајните раноантички локалитети во Македонија и единствен ваков вид во Средна Европа. Тие се сконцентрирани на истражување на најмонументалната, најрепрезентативна градба во градот, владетелската палата во која живееле владетелите од 5 и 4 век пред нашата ера. Античкиот град Билазора кај селото Кнежје во општина Свети Николе се смета за најголем пеонски град.
Околу 70 проценти се веќе истражени од целата палата, а остатокот допрва треба да се ископува. Инаку, Билазора се протега на површина од 20 хектари и бил најголем град во централниот дел на Балканот.
Ова е веќе трета година како работата е сконцентрирана на истражувањето на главната градба во градот, на владетелската палата. Работите, според планот, треба да бидат завршени за четири години. Овој локалитет според очекувањата на археолозите, треба да стане најголемата туристичка атракција кај нас зашто се работи за споменик на културата од прва категорија, како што на пример е црквата „Света Софија“. Кога целосно ќе биде истражен локалитетот, тој ќе биде најрепрезентативниот историски објект во Македонија од раната антика, односно од 5 и 4 век пред нашата ера. Билазора веќе ги има основите за такво нешто бидејќи до неа е изграден асфалтен пат, наскоро ќе дојде и електричната енергија, а самиот локалитет во добар дел е покриен. Владетелската палата била резиденцијален простор на пеонските владетели. За разлика од другите Пеонци, кои биле дел од античка Македонија, на посеверните пеонски заедници им биле оставани политичка независност и можност да бидат управувани од свои владетели и од своја пеонска династија.
Почетоците на истражувањето на Билазора датираат од 1970 година, а на откривањето на владетелската палата се од 2011/2012 година кога американски и македонски археолози работеа на локалитетот. Наредната година работите ги презеде Филозофскиот факултет при УКИМ во соработка со Музејот во Свети Николе. Овој локалитет се користи и за наставно-научни едукации за студентите кои доаѓаат овде и работат во истражувањето. Проблемот е што нема поголеми сместувачки капацитети, во тој случај и бројот на студентите ќе беше поголем.