Култура
gradiste

Истражувања на локалитетот Градиште кај Неготино

На археолошкиот локалитет Градиште крај Неготино во тек се археолошките истражувања планирани за месец јули. Овој проект се спроведува веќе седма година и треба да го даде одговорот дали овој археолошки локалитет го крие античкиот град Антигонеа.

gradiste2

Проектот го раководат вишиот кустос археолог Горан Санев од Археолошкиот музеј на Македонија и професорот Николас Секунда од Универзитетот во Гдањск, Полска, во соработка со музејот на градот Неготино, од кој е вклучен археологот Костадинка Филипова, информираше денеска директорот на неготинскиот музеј, Ристе Марков. Локалитетот се наоѓа на рид на влезот во Неготино, а за постоењето на Антигонеа науката дознава од Појтингеровата карта. Се претпоставува дека градот бил именуван по македонскиот крал Антигон Досон или Антигон Гонат, во 3 век пред нашата ера. Градот бил керамичарски центар во регионот. Сознанијата за градот на Градиште и за неговата историја континуирано се надополнуваат во изминативе шест години. Во богатиот движен материјал откриен при истражувањата, меѓу мноштвото наоди има и такви што се уникатни. Меѓу нив е теракотна фигурина, која по својот изглед и форма досега не е сретната на ниеден локалитет во Македонија. Откриени се калапи за керамички светилки, како и  примероци на светилки извадени од истите калапи, калапи за изработка на теракотни фигурини.  Гео-стратегиската позиција на Градиште зборува дека тука некогаш се наоѓало воено утврдување, своевиден контролен – стражарски пункт. Засега се откриени само живеалишта со покуќнина, како што се садови за домаќинството. Населбата била урбанизирана со постоење на улици, канали за одвод на водата, тротоари. Наредните истражувања ја негува и надежта дека археолозите, во рамките на овој проект со Универзитетот од Гдањск, ќе успеат да откријат и дел од јавните градби на градот.

Слични статии