Култура
pred dozdot

„Снимај, бе братучед, снимај“

Настанот„Снимај бе братучед снимај“ – 4 дена со Милчо Манчевски“ ќе започне денес, со проекцијата на „Пред дождот“ во киното Милениум во 20 часот. Веднаш по проекцијата ќе следи дискусија со режисерот Милчо Манчевски. Со овој настан се одбележува дваесетгодишнината од големиот успех на македонската кинематографија, кога во Венеција режисерот Милчо Манчевски за филмот „Пред дождот“ го освои „Златниот лав“. Познатата реплика од „Пред дождот“„Пукај, бе братучед, пукај“ беше инспирација за  мотото на овој настан „Снимај, бе братучед, снимај!“

milco mancevski

По повод овој јубилеј, во текот на четири дена во кината „Милениум“ и „Фросина“ ќе се одржи ретроспектива на творештвото на Манчевски, овој пат на дигитализираните копии. Имено, Министерството за култура во соработка со Кинотеката на Македонија и со Друштвото на филмски работници, како и со помош на Татјана Ќурчинска- Пепељугоска, поранешна директорка на дистрибутерската куќа „Манаки филм“, комплетно го дигитализираше творештвото на Манчевски според сите светски стандарди во лабораториите „Ари“ во Минхен“ и „Делукс“ во Лондон.

Овој проект е голема придобивка за македонската култура, бидејќи филмскиот опус на еден од најголемите македонски режисери е соодветно сочуван, како сведоштво за развојот на македонската кинематографија и креативноста на македонските филмски творци. За изработка на ДВД-изданија, дигитализацијата и дигиталната реставрација, Министерството за култура издвоило 17 милиони денари , од кои за творештвото на Милчо Манчевски се потрошени 7,4 милиони денари.

Настанот „Снимај, бе, братучед, снимај!“ ќе продолжи на 08, 09, и 10 мај во кино Фросина. Влезниците за настанот се бесплатни, а ќе можат да се подигнат од билетарите на кино Милениум и на МКЦ .

Tagged with:

Слични статии