Мозаиците во Хераклеа достапни на јавноста
— 7 мај, 2015Заврши пролетното отворање на мозаиците во античкиот локалитет Хереклеја –Линкестис. Посетителите ќе можат да ги набљудуваат едни од најубавите мозаици од ранохристијанскиот период, влезени во сите антологии.
Мозаиците на Хераклеа, познати по својата убавина и уметничка вредност, ќе можат да ги видат сите посетители кои ќе го посетат локалитетот Хераклеа-Линкестис до Битола. Стручни екипи на НУ Завод и Музеј-Битола го завршија пролетното отворање на мозаиците. Имено, заштитата на мозаиците со песочно покривање се врши во зима заради ниските температури и снегот, а пролетното откривање завршува во овој дел на годината кога тие стануваат достапни за јавноста. Сите посетители што ќе ја посетат Хераклеа ќе може да ги видат трите големи мозаици, односно нартексот Голема базилика, нартекс и наос на Мала базилика и крстилницата.
Мозаиците ќе бидат достапни за очите на јавноста се до доцна наесен, кога повторно ќе бидат прекриени со песок, за да бидат заштитени во текот на зимскиот период. Ниските температури и снегот можат да им наштетат на овие уникатни уметнички дела. Мозаиците во Хераклеа ги има само во градбите што се од ранохристијанскиот период, односно од почетокот на 5-ти до крајот на 6-ти век. Од сите мозаици оној во главната просторија во Големата Базилика по својата уметничка вредност ги надминува сите досега познати подни мозаици од тоа време.