Стибера
— 16 април, 2015Стибера – во ископувањата на овој антички град се откриени најмногу антички скулптури, сочувани во целост. Овој древен град бил центар на македонските кралеви кои се бореле со Илирите. Според историографот Ливие, од Стибера тргнал последниот македонски крал Персеј во 169 година п.н.е во борба против Илирите. Овој древен град се наоѓа до прилепското село Чепигово, и се простира на јужните падини на ридот Бедем, каде во подножјето се слева реката Блато во Црна Река. Градот егзистирал од трети век п.н.е. се до трети век од оваа ера, со повеќе од 20 илјади жители. Целиот бил обиколен со камени ѕидови, а во внатрешноста се откриени темелите од некогашниот храм посветен на божицата на судбината, Тихе. Засега се уште важи претпоставката дека градот бил изграден во времето на Филип Втори. Стибера, или како што ја нарекуваат археолозите, Македонска Помпеја, е еден од најголемите антички градови во Македонија и еден од најатрактивните антички градски населби. Сите архитектонски градби во овој локалитет зборуваат за економската благосостојба и моќта на жителите на овој град, како и важноста и угледот што градот го имал во периодот на неговото постоење.
Се претпоставува дека овој антички град исчезнал пред четвртиот век, за време на владеењето на Галиен. При истражувањето на овој локалитет пронајдени се артефакти од вториот и третиот век п.н.е.: керамички садови, мермерни споменици, околу 30 статуи и бисти на тогашните граѓани, постаменти и плочи со натписи и мермерна пластика.Во рамките на проектот за 2014 година истражувањата открија три објекти, кои уште повеќе ги покажуваат урбаните и цивилизациски содржини на овој древен град. Целта е што поскоро да бидат отворени поголем број на внатрешни градски содржини во ликот на станбените и култните објекти, кои ќе овозможат археолошките локалитети Бедем и Бакарно Гумно да се отворат за јавноста. Археолошките истражувања на овој голем антички град распростран на 10 хектари урбана површина ќе продолжат и во следните години.