(Кон поетската збирка „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков, во издание на „Три“, Скопје, 2023)
„Не е претерано да се каже дека јазикот во непријателскиот по себе универзум создава примерен простор во кој човек може да живее“, вели Радослав Катичиќ (цитирано според Капушевска-Дракулевска, 2006: 31). Но тоа негово големо значење се воочува дури кога се согледува неговата двојна функција. „Размислата за неговата дихотомија (како израз и содржина, како комуникација и креација) ја потврдува тезата за јазикот како иманентна одредница на човековата егзистенција. (…) Ако јазикот во неговата природна (не)постојаност, условно кажано, е факт, преку писмото тој се трансформира во артефакт и од реална практика станува уметничко остварување“, како што заклучува Лидија Капушевска-Дракулевска во својот текст „Јазикот и поезијата“ поместен во нејзината книга „Маргарита по трагите на мајсторот“ (Скопје: Магор, 2006: 31-32). А поезијата преку свои одредени елементи кои ја демонстрираат нелингвистичката есенција на литерарноста се издвојува како посебен јазик и посебно писмо.
Поетската збирка „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков како едно такво посебно писмо со свој, посебен јазик, се отвора со песната „Епитаф“ а се затвора со песната „Аплауз“. Стручните, посветените читатели овој „Епитаф“ на Русјаков ќе ги насочи кон годината 1835, кога Кирил Пејчиновиќ за себе составува надгробен натпис (епитаф) во облик на песна. Како таква, од една страна, таа е најраниот познат авторски пример на пишување стихови на народен (тетовски) говор во развојот на македонскиот јазик а од друга, таа е песна во која е слеана целата негова биографија и која и ден денес е засведочена како негов надгробен натпис во дворот на манастирскиот комплекс во селото Лешок. Така што, нѐ изненадува ли оваа форма која Русјаков сака да ни ја покаже како негова омилена? И по скоро два века, повторно да ја врати како форма на израз во самата поезија? И притоа, низ 50-те испеани приказни или низ 50-те раскажани песни да се обиде да ја испише својата (авто)биографија на душата:
„Роден сум на полна месечина во тело од душа испразнето.
Јас сум неподнослива страст сошиена во месо,
коски и тишина.
[…]
Зар јас да легнам во своето срце, а не тоа во мене?
За поетите тоа е гроб, ти само состави епитаф.“ (2023: 7)
Оваа негова збирка за која ја доби наградата Антевото перо за 2023 година, претендира да биде драматична, но и крајно селективна во определувањето на конкретни „документарни“ податоци за неговиот личен животен пат. Збирката, распослана меѓу неговите „Епитаф“ (како свесност за заминувањето од овој свет) и „Аплауз“ (како аплауз пред заминувањето од овој свет) како два непобитни факта за времето на раѓањето и времето на умирањето, е организирана низ 50 испеани приказни кои пулсираат во ритамот на најсуптилните моменти од животот врзани со потребата да се биде сакан и да се сака:
„Сиот живот раѓам смрт.
Во мене умираат песни за да се родат како жива
љубов во туѓите срца. (…)
[…]
(…) И секоја умрена ѕвезда во мене раѓа
супернова, црна дупка од мечта замислена.
Сиот живот раѓам смрт, само смртта во мене раѓа живот.“ („2023: 11)
И после патот изоден низ 50 испеани приказни, по чекорењето „од песна до песна / низ стихозбирките на градот“ (2023: 54), авторот (и поет и раскажувач) го чека својот аплауз зашто:
„Долго време ја барам последната песна.
Што ќе се случи кога ќе ја напишам последната песна?
Ја најдов совршената, ти ја оставив
како мој епитаф врз душата.“ (2023: 56)
И еве во овие стихови на Русјаков се чувствува и некое далечно ехо на една песна од Гане Тодоровски именувана како „Биографија“. Впрочем, како што добар дел од Ганевите песни се своевидни прилози за духовната биографија на поетот, така и оваа збирка на Русјаков е своевидна негова (авто)биографија. А неговата „Биографија“ е омеѓена меѓу овие два стиха:
„Молкни граду, вресни тишино, запеј нем човеку!
[…]
А ти, нем човеку, испеј ја сега мојата биографија.“ (2023: 40)
Неговата поетика се гради како меланж од епитаф и душевна биографија која претендира да направи дури и чуда, па вели:
„Ете болест неизлечлива што секојдневно се лечи
со една лажичка раскажана поезија.“ (2023: 9)
Ова негово инсистирање да (рас)кажува низ стихови, па и низ ноти, доаѓа од потребата да прикажува, да се исповеда, да молитви како големиот Хомер што ги раскажа, ги отпеа силните епови зашто едноставно: „Приказна пеат облак и езеро.“ (2023: 24).
И во онаа објава со која Русјаков се прогласи за добитник на Антевото перо за 2023. се потенцираше дека неговите поетски слики се менуваат во свеста на читателот како црно-бели филмски кадри. Дуалитетот црно-бел свет го потенцира преку своето постојано глаголење за телото наспрема душата (како што Анте Поповски сам себе си глаголеше некоја црна глаголица), за кожата наспрема коските, за исправеноста на смртта пред животот и за животот што трча кон смртта: „Каде се допираат изгрејсонцето и зајдисонцето?“ (2023: 30). И го имаме авторот час како дел од необични, помалку дури и исчашени надреалистички слики, час како дел од секојдневјето, сурово, разголено, соголено и доволно апокалиптично во манирот на Буковски како во песната „Прозорец“. Друг пат Русјаков застанува очи в очи и со Кафка, Ками, Достоевски…
50-те испеани приказни се земени од животот на еден длабок доживувач на реалноста:
„Кулата е кутија кибрит, луѓето се дрвцени стапчиња
со глави полно фосфор. Би пламнале за да загреат
други, ама смрзнати им се срцата.
Детско игралиште. Песокот стана кал за да ги измеша
отпечатоците на нестрпливите родители.
Чкрипат празните лулашки, чкрипи светот
што одбива да се подмачка со детски насмевки,
солзи и вресоци.
[…]
Луѓе под чадори.
Не можат да се сокријат од своите гревови.
Луѓе под маски. Уплашени од вирусот на осаменоста,
бегаат од туѓите воздишки. Штом паднат маските,
под чадорите останува лицемерноста.“ (2023: 22)
Во оваа поезија има многу за љубовта, но таа љубов е лишена од тривијална патетика, иако знае да каже: „Јас и ти сме како Жан Пол и Симон. / Оној Сартр и онаа Де Бовоар.“ (2023: 20), за во некоја наредна да ни наговести дека најверојатно тој е есента зашто: „Седна до мене облечена во зима, со миризлива пролет / на прекрстените колена и разголено лето во очите.“ (2023: 29). И тогаш опева некоја нова, своја Дениција (како во песните „Отворено“, „Насмевка“, „Утроба“), па вели:
„Под нас ја пославме есента, мека златножолта постела.
Среде нашите усни експлодира светлина од свеќата.
Ги допирам градите на небото, папокот на месечината,
среде колковите на темницата го цртам Млечниот Пат
до океанот на зеницата.“ (2023: 29),
па пее:
„ти се претвораш во делфин за да ме донесеш
до пристаништето на среќата.“ (2023: 31)
Дијалогизмот, Русјаков го гради со примената на експресионистичките постапки на Кафка, но и апсурдноста на Ками како кога признава: „Кој си ти? ме прашуваат приказните. / Јас сум надвор од контекст, скриен меѓу редови, / глагол во погрешна реченица.“ (2023: 34). Русјаков се дружи и со суровоста на Буковски кога ни кажува: „Јас отсекогаш сум бил / воајер на сопствените халуцинации. / Понекогаш седам со Буковски крај шанкот / на недостижната статичност. Зборуваме за Селин.“ (2023: 48). Му се допаѓа брилијантната реалистичност на Достоевски, близок е со оној Есенин кој е без ритам во стиховите (2023: 32). И во тој прв многу краток осврт за „50 испеани приказни“ како добитник на Антевото перо се истакна дека ерудитивноста на Русјаков и неговите широки познавања на уметноста во сите нејзини форми и карактеристики создава една синкретична поезија. Освен што целата атмосфера во збирката е доволно филмична, таа е блиска со онаа од видеозаписoт за Black star (https://www.youtube.com/watch?v=kszLwBaC4Sw), па и за Lazarus (https://www.youtube.com/watch?v=y-JqH1M4Ya8) од Дејвид Боуви кога Русјаков пее:
„Солзите измешани со пцости и стихови останаа
под креветот на промашената животна приказна.“ (2023: 27).
„Го сретнав стравот од детството. Стравот што живее
под кревет кога остануваш сам в соба.
Темницата лази по тебе како стоногалка
и ти чекаш… стравот да излезе за да те проголта.“ (2023: 23)
И оксиморонско и парадоксално развиените поетски слики му овозможуваат на поетот директен и недвосмислен начин на соопштување на својата, на личната преспектива на времето и просторот, и на луѓето во тој простор и во тоа време со што се осмислува и оправдува неговото постоење во центарот на сето тоа. И пред сѐ и над сѐ песната поточно испеаната приказна:
„(…) Ја барам таа песна скриена во мене. Ја барам
бегајќи од неа./ За никогаш никому да не ја раскажам.“ (2023: 14)
И во таа испеана приказна е и сликата на „последната цигара меѓу / прстите пожолтени“ (2023: 10) и испиеното кафе, па и она што „се црпи од талогот на тишината“ (2023: 28).
Поетиката на „50 испеани приказни“ открива и универзални, но важни поетски пораки доближувајќи се до ѕвездените корени на Анте Поповски (до онаа проста земја што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски) во кои секоја песна се раѓа и вечно живее, зашто ти, Русјаков:
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2024 година, кој ќе трае од 15 декември до 15 јануари 2025 година. Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2024 година, кој…
„На окрутноста на животот потребна му е благоста во погледот“, е превод на оригиналното издание „Окрутности живота потребна је благост погледа“, книга од соседството, од авторот Дејан Петровиќ, кој живее во Нови Сад, Србија. Тој зад себе, во неколку децениското пишување, остварил многубројни средби и направил интервјуа со значајни режисери, писатели, со луѓе од уметноста….
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид се обрати на прес-конференција по повод најновите археолошки откритија во Охридско-струшкиот Регион. Станува збор за вредни наоди, околку 80, откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион, односно на некропола од архајскиот период, 6 век…
Ново издание на „Збирка ноти – Камерна музика од Љубомир Бранѓолица Vol. I“. Новото електронско издание на „Збирка ноти – Камерна музика од Љубомир Бранѓолица Vol. I“. претставува избор на дела од богатиот опус на македонскиот композитор со хрватско потекло, Љубомир Бранѓолица. На повеќе од 40-тина страници се сместени шест нотографирани дела, избор од богатиот…
На манифестацијата „Годишни награди за режисерите“, која се одржа во Нови Сад, на истакнатиот македонски режисер Столе Попов му беше врачена наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот. Наградата му ја врачи легендарниот актер Предраг Мики Манојловиќ, откако воведно обраќање имаше Ненад Павловиќ, и самиот режисер по професија и син на…
Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ синоќа, на последната фестивалска вечер, во преполната сала во присуство на бројни филмски работници, уметници, актери, режисери, претставници на политичкиот и културниот живот на земјава и претставници на дипломатскиот кор беа доделени наградите на 9. издание на МФФ Киненова. „Гран при“ доби филмот „Жена-убиец“ на грчката режисерка Ева Натена,…
Австрискиот режисер Улрих Зајдл е годинешен добитник на Наградата за животно дело на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. -Со нас денеска е еден од најинтересните филмски автори, сценарист, режисер и продуцент, Улрих Зајдл од Австрија. Режисерот кој уште пред да го побуди вниманието во 2001 година со „Тегобни денови“, го побуди вниманието и пред тоа на…
МФФ „Киненова“ ќе се одржи по деветти пат од 15 до 20 октомври, со македонскиот долгометражен анимиран филм на Гоце Цветановски „Јон Вардар против Галаксијата“. -На мое големо задоволство Тематски би ја започнал истата претставувајќи го овогодинешниот фестивалски слоган: Што е прво? Филмот или приказната? Огромна благодарност за целиот визуелен идентитет на овогодинешното издание на…