Култура

Прогласен добитникот на Букеровата награда за 2023 година

„Песната на пророкот”(Prophet Song), роман со дистописка визија на Ирска зафатена од тоталитаризам, е добитник на Букеровата награда за 2023 година.

Автор на романот е 46-годишниот ирски писател Пол Линч кој за првпат ја добива оваа престижна книжевна награда.

Дејството е сместено во Даблин, а во фокусот е семејство кое се соочува со застрашувачки нов свет во кој демократските норми на кои се навикнати започнуваат да исчезнуваат.

Линч вели дека „Песната на пророкот” била инспирирана од Сириската војна и бегалската криза. Авторот, по добивање на наградата, изјави дека „романот не бил лесен за пишување“.

Претседателката на жири-комисијата, Еси Едугјан, вели дека барале „победнички роман кој ќе зборува за актуелниот момент, но исто така би имал можност да го надживее”.

„Во овие тешки времиња, баравме роман со визија, книга која ќе не потсетува дека сме повеќе од нас самите, ќе нѐ потсетува на сето она што вреди да се спаси”, вели таа.

Ова е петти роман на Линч, кој го подготвувал во период од четири години. Покрај неговиот роман во потесната конкуренција за наградата оваа година беа и „Убод од пчела“ (The Bee Sting) на Пол Мареј, „Западна уличка“ (Western Lane) од Четна Мару, „Овој друг рај“ (This Other Eden) од Пол Хардинг, „Ако те преживеам“ (If I Survive You) од Џонатан Ескофери и „Студија за послушноста“ (Study for Obedience) од Сара Бернстајн.

Букеровата награда е една од најпрестижните награди за литература. Меѓу претходните добитници се и имиња како Маргарет Атвуд, Салман Ружди и Хилари Мантел.

Извор: https://www.bbc.com/

Автор: