Култура

Почина црногорскиот актер Жарко Лаушевиќ

Актерот Жарко Лаушевиќ почина денеска на 63-годишна возраст, по кратко и тешко боледување, соопшти во име на семејството неговата втора сопруга Анита Лаушевиќ.

За датумот и местото на погребот јавноста ќе биде навремено информирана, пренесува белградска „Политика“.

Пред да биде хоспитализиран летово заради проблеми со бели дробови, актерот не сакал да го пропушти продолжението на снимањето на серијата „Калкански кругови“  на која работел во Аранѓеловац.

Легендарниот црногорски актер и писател и еден од најпопуларните екс-ју глумци, познат по филмовите како „Хасанагиница“, „Игмански марш“, „Лазар“, „Јагоди во грло“, „Доброволци“, „Убавината на порокот“, „Шмекер“ „Сив дом“, „Офицер со роза“, „Лето“, „Црн бомбардер“, „Кажи зошто ме остави“  во 2017 беше гостин на второто издание на филмскиот фестивал Киненова во Скопје, каде му беше врачена специјалната награда за придонес во филмската уметност. Лаушевиќ глумеше и во хит-серијата „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ.

Лаушевиќ дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград. Бил член на Југословенскиот драмски театар, каде играл улоги во голем број претстави. Своето филмско деби го имаше во 1982 година, со улога во филмот „Прогон“. Истата година игра значајни улоги во филмовите „Савамала“ и „Директно емитување“.

Неговата богата кариера беше прекината во 1993 година, кога беше осуден за двојно убиство во Црна Гора, по трагедијата кога тој и неговиот брат беа нападнати од група насилници и Жарко, бранејќи се себе и брата си, пукал во двајца од толпата, а трет беше тешко ранет. Беше осуден на 15 години затвор, а кога тогашниот Сојузен суд ја укина пресудата, Лаушевиќ повторно беше изведен на суд во февруари, 1998 и осуден на 4 години затвор. Бидејќи уште пред да му биде изречена пресудата, одлежа четири и пол години, беше пуштен на слобода и замина за САД. Следеа нови обвинувања и казни, но во 2011 година беше помилуван од тогашниот српски претседател Борис Тадиќ, а прв пат дојде во Србија во 2014.

Лаушевиќ последниве години напиша две книги , „Годината поминува, денот никогаш“ пишувана во неговата затворска келија, која содржи многу искрени мисли кои со години се цитираат.

„Ова е земја во која што се доцни со сè. Само се умира предвреме“, гласи една од нив.

Продолжението „Втора книга“ го објави во 2013 година. Третата книга, „Сè ќе мине, па и доживотната“ (2018) претставува дневник од затворот во Забела во Пожаревац каде што помина 2,5 години, по што казната ја служеше во Спуш.

По враќањето од САД, Лаушевиќ не застана. Тој одигра неколку улоги, а големо враќање на актерската сцена направи со улогата во филмот „Смрдлива бајка“ и во серијата „Калкански кругови“.