Култура

“Поол”, “Франкенштајн” и “Роденден” денес на 48 МОТ

Денеска на програмата на Млад отворен театар (МОТ) публиката ќе проследи три домашни продукции. Во 18 часот актерите на Театар за деца и младинци (ТДМ) ќе ја одиграат младинската претстава „Франкенштајн“. Претставата е во режија на Кокан Младеновиќ, а играат: Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски и Симона Спировска.

Претставата има за цел да ги истражува различните практики на дискриминација во општеството во кое живееме. Прашањето кој е и што е; што може да биде и кој сè може да биде „чудовиште“, а пред сè прашањето кој проценува и одредува дека другиот е чудовиштен – е темата на оваа наша претстава. Следејќи ги различните теориски и книжевни постапки од Франц Кафка па преку Пол Б. Пресијад и други, се занимававме со прашањето на давање слобода на говор на оние на кои инаку не им е дозволено да зборуваат во јавниот простор. Ако „чудовиштето“ проговори, што ќе ни каже? На кој начин и поради што, ние луѓето едни со други се означуваме со погрешни, неприфатливи и застрашувачки? Претставата им се обраќа на младите со цел да се запрашаат за оние ставови што им се наметнуваат од нивните родители, од училиштето, од општеството, а кои воопшто не се добри.

Во претставата играат, Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски, Симона СпировскаТекст: Кокан Младеновиќ, Драгана Лукан Николоски, Димитрије Коканов, Никола Наковски, Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски, Ненад Митевски. Драматургијата е на Димитрије Коканов и на Драгана Лукан Николоски, сценографијата на Кирил Василев, костимографија на Александра Пециќ Младеновиќ, композитор на музиката е Лука Кантарџиев на текст од Никола Ристески заедно со актерите.

Во 20 часот ќе следува премиерата на „Поол“, работена по мотиви на Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, продукција на „Хибрид“ од Скопје.

Во претставата се среќаваме со приказната за група уметници, кои се занимаваат со алтернативна уметност во боемскиот кварт. Но што се случува кога еден од групата се издвојува и постигнува вистински успех? Што прават оние што остануваат назад, во боемскиот кварт додека еден оди напред во големиот свет?

Народниот театар од Штип ќе гостува на фестивалот во 22 часот на сцена во Младинскиот културен центар. Во претставата според Харолд Пинтер, а во режија на Васил Христов, играат: Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Валентина Ѓоргиевска, Владимир Тулиев, Стефанија Митовска, Даријан Петров.

„Роденден“ (1957) и ден денес сè уште стои како доказ за Пинтеровата непоколеблива посветеност кон истражувањето и откривањето на скриените аспекти и двосмисленоста на човековата природа.

Во ова дело, неговиот уникатен стил на дијалог ја прикажува моќта на јазичната манипулација и процесот на вербална лоботомија. Манипулацијата со зборови станува оружје, бидејќи јазикот се користи за контрола и доминација. На тој начин, Пинтер ги крши рамките на театарскиот традиционализам и ја прикажува кревкоста на човечката комуникација.

Хуманизмот, пацифизмот и правдољубието на Пинтер се очигледни во неговиот децениски незапирлив политички активизам и непоколеблива посветеност на разоткривањето на општествените неправди.

Театарска претстава со психолошки карактер, која воведува нов филмски јазик на режија и глума, кој ќе ја зачуди публиката.