Култура

Италијанска премиера на македонскиот филм „М“ на Вардан Тозија во Трст

Италијанската премиера на најновиот македонски  филм „М“ на Вардан Тозија ќе биде на 1 ноември, на фестивалот Trieste Science + Fiction Festival кој се одржува од 27 октомври до 1 ноември во организација на Центарот за кинематографско и аудиовизуелно истражување и експериментирање La Cappella Underground, соопштија од Агенцијата за филм.

Ова е италијанска премиера на филмот работен по сценарио на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург, со мнозинска македонска продукција.

-Ова дваесет и трето издание носи многубројни настани и филмски премиери кои не треба да се пропуштат и кои ја потврдуваат меѓународната слава на фестивалот за научна фантастика во Трст како иновативен, влијателен и динамичен настан, велат организаторите.

Оваа година има над 50 светски и национални филмски премиери во три натпреварувачки програми во присуство на режисери, актери и автори од целиот свет.

-Фестивалот на научна фантастика во Трст отсекогаш бил во првите редови на истакнување на важни актуелни прашања, со фокус на квалитетот кој е незаменлив. Секогаш еден чекор понапред од космичката крива, мисијата на фестивалот е да го поттикне жанрот во нови возбудливи насоки за нашата публика која постојано се зголемува, вели уметничкиот директор на фестивалот Алан Џонс.

Во дистописката приказна на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила улогите ги толуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.

Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.

Филмот е поддржан од Агенција за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ ТелМа (Македонија), Agora Co-Production Market at IFF Thessaloniki 2019 ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop (Poland, Germany, France) Sofia Meetings (WiP) at IFF Sofia 2020. 

Автор: