Култура

Иритира мелодрамската поделба на „добри“ и „лоши“ постапки од членови на ДПМ

Деновиве целата книжевна јавност ОЧЕКУВА претседателката на Собранието на ДПМ да свика вонредно изборно собрание во Друштвото❗(или во најмала рака да се одважи со некаква изјава околу моменталните случувања).

Во меѓувреме, поттикнат од коментарите (главно од оние коментари полни со осуда) што ги читам по Фејсбук, сакам да изразам три размисли.

1.

Откако осум од девет членови на Претседателството на ДПМ на 4 октомври поднесоа оставка од позициите, во неколку коментари прочитав дека нивната реакција била „задоцнета“, дека требало многу порано да поднесат оставка. Воопшто не се согласувам со таквите осуди и сметам дека се неправедни, па и навредливи кон овие осум членови. Осумте членови што поднесоа оставка го направија тоа откако цела една и пол година се трудеа да бидат што поконструктивни, да соработуваат и да придонесат за Друштвото да функционира на што подобар начин. Таквото нивно дејствување вроди со конкретни резултати: успешно беа организирани годишните награди на ДПМ, излегоа неколку броеви на списанието „Стожер“, се организираа настани… Сакам да ги пофалам осумте членови на ДПМ за сиот труд, за влогот во заедничкото работење, и најпосле, за сите дадени шанси на врвот на раководството на ДПМ да ја увиди штетноста и контрапродуктивноста на своето исклучувачко работење, и да почне да го води Друштвото согласно Статут. Поради својата професионалност, и пред сè поради вербата во заедништвото што ја имаа осумте членови, нивното поднесување оставка не е „задоцнета реакција“, туку е вистинска доблест, пример за другите.

2.

Еден член на Претседателството си поднесе оставка уште во септември минатата година, само четири месеци по востоличувањето на новото раководство на ДПМ. Може да се рече дека членот умеел да ги предвиди идните случувања во Друштвото, но тука пригодно е да се спомене една изрека која обично му се припишува на А. Линколн: „најдобриот начин да ја предвидиш иднината е самиот да ја создадеш“. Во секој случај, како и обично, и тука има повеќе вистини. Некој може овој чин на излегување од Претседателството да го осуди како „избрзана одлука“. Но, друга вистина е таа дека пребавното, прехаотичното и преисклучувачкото „менаџирање“ на Друштвото од страна на врвот на неговото раководство просто не одговара на активната и исполнителна работна динамика на која е навикнат тој член. При поднесувањето на оставката, овој член изјави дека планира да придонесе на поинакви начини за македонската книжевност и за писателите – нешто што впрочем и го сведочиме.

3.

Најпосле, иритира мелодрамската поделба на „добри“ и „лоши“ постапки од членови на ДПМ (при што обично се става акцент на осудата). Како главен „лош“, сепак, е претседателот во оставка. Читајќи ги изјавите и коментарите на Фб, се добива впечаток како сè што направил тој да е за осуда, и како да нема ништо добро во неговиот довчерашен ангажман. Мислам дека не е фер категорично да се порекнуваат сите негови напори: не е фер да не се цени делумното уредување на просториите на ДПМ, да не се цени договарањето попуст за членови на ДПМ во МНТ и во две книжарници, неколкуте успешно организирани настани (се сеќавам на едно убаво пладне посветено на преведувачката и македонистка Олга Панкина), воведувањето годишна членарина… Фер е да се признае дека тоа се активности што сепак бараат напор – независно од тоа што како пресудно за неславното завршување на мандатот на претседателот се покажа неговото исклучувачко работење (кое, во крајна линија не е само негово: не треба да се зборави дека во врвот на раководството на ДПМ многу влијателна улога има и Претседателката на Собранието на Друштвото – од која сега се очекува да свика❗Изборно собрание)❗

Автор: