Култура

„Кајмак” на Манчевски доби награда за најдобар филм на „Синеквест“ во Калифорнија, САД

„Кајмак” на македонскиот режисер Милчо Манчевски, ја освои наградата Најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, САД, каде ја имаше и американската премиера. Синеквест, чие 33-то издание заврши синоќа, е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. Ова е втора награда за три дена за „Кајмак“, откако претходно освои специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора. 

„Две награди за три дена. Не е лошо за филм што нашата Агенција за филм го блокира, забранува и одбива да го исплати”, изјави режисерот Манчевски.

Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласираше „Кајмак“ и во Австралија, каде наскоро ќе почне прикажувањето. Инаку, „Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

Овој месец „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: i-Fest во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, Балкан панорама во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина, а фестивалскиот живот ќе го продолжи и во текот на есента.

„Кајмак“, кој е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Филмот ја освои и Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. Филмот во јуни ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак“ и „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“), спротивно на одлуката на судот и на правното мислење на Министерството за култура. Јавна поддршка за Манчевски изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Федерацијата на здруженија на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International.

Автор: