Владите на Македонија и Грција во соработка со Европскиот центар за византиски споменици од Солун, ќе обезбедат зачувување на фрескоживописот во црквата „Свети Ѓорѓи’ во селото Курбиново, кој е редок пример на византиската уметност во балканскиот регион, пишува „Еуроњуз“.
– Високо во планините над Преспанското Езеро што ја поврзува Македонија со Грција и Албанија се наоѓа црквата „Свети Ѓорѓи“ од 12 век. Фрескоживописот пронајден во неа нуди интересни и ретки примери на византиската уметност во балканскиот регион и претставува важен дел од европското културно наследство, се наведува во прилогот.
Оливера Макриевска од Заводот и музеј – Битола за „Еуроњуз“ вели дека првите знаци од предренесансниот период на фреските може да се видат во изразот на лицата на светците и во нивните одежди.
Во извештајот се посочува дека главен предизвик со кој се соочуваат реставраторските тимови од двете земји е зачувување на овие ремек-дела стари 10 века.
Според Бабис Апостолидис од Европскиот центар за византиски споменици, бојата што се користела при изработката на фреските била главно направена од минерали од камења, од зеленчукови растенија или дури и од животинско потекло.
– Бојата е направена од прав, многу фин прав и тие го мешале тој прав со вар во вода… Сликарот потоа ја нанесувал бојата на свеж малтер пред малтерот да се исуши, објаснува Апостолидис.
„Еуроњуз“ наведува дека овој заеднички проект за зачувување на богатото културно наследство во регионот на Преспанското Езеро претставува конкретен резултат од Преспанскиот договор, што Скопје и Атина го потпишаа во 2017 година за надминување на спорот за името, што резултираше и со интензивирање на билатералните односи меѓу двете земји.
Министерството за култура на почетокот на јуни информираше дека македонски и грчки конзерватори ги презентирале досегашните резултати од соработката меѓу битолскиот Завод и музеј и Европскиот центар за византиски споменици за реализација на проектот за „Конзервација на ѕидното сликарство на црквата Св. Ѓорѓи во село Курбиново“.
Проектот е започнат пред две години и се реализира врз основа на потпишаниот Меморандум за соработка. Во соопштението беше посочено дека во оваа фаза од конзервацијата, стручните лица користеле современи технологии и техники на истражување, ласерско скенирање на објектот, инфрацрвена камера, мултиспектрална камера и други техники за да се утврди како работеле и ја граделе црквата „Св. Ѓорѓи“ некогашните зографи.
Според најавите од Заводот и музеј – Битола, активностите во црква е планирано да завршат до крајот на годинава, кога ќе се добие „завршен и комплетиран споменик од конзерваторски аспект во однос на архитектура и ѕидно сликарство“.