Почина композиторот Кире Костов, автор хитовите „Летај галебе“ и „Кога те нема“
— 28 јули, 2023По подолго боледување, на 73 години почина композиторот и диригент Кире Костов, соопшти Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).
Костов е роден во 1949 во Битола. Средно музичко училиште завршил во Битола. Уште во тој период активно учествувал во културно-забавното живеење на Битола. Натамошното школување го продолжил на Музичката академија во Белград, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во периодот од 1970-1988 година бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радиотелевизија Скопје, а од 1988 година до 2010 и негов диригент. Како единствен претставник на тогашна Југославија, учествувал во Бигбендот на Европската радиодифузија, кој бил составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа. Костов таа година бил прогласен како најдобар трубач-инструменталист во Југославија и бил избран да ја претставува Југославија во тој оркестар.
Автор е на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот, како: ,,Акварел“, „Бела ноќ“, Македонска суита 1 и 2 „Нени“, „Травелинг“, „Догледање“, „Алегорија“, „Лепе ти је Беле Вирје“, „Си заљубив едно моме“.
Од областа на популарната музика има околу 300 наслови како што се „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Само сеќавање“, “Не биди слеп“, „Манастирски сон“, „Моја Битола“, „Охридски спомени“, „Бела птица“, „Кој да ти каже“, „Тонови тајни“, „Ти пеам песна“, „Рум,дум,дум“, „Љубовна религија“, „Што те нема“ и многу други, и уште толку како аранжер на други автори.
Бил еден од основачите на фестивалот за деца и млади Си-До кој се одржуваше во Битола од 1991-2000 година. Од овој фестивал произлегоа преку 200 песни за деца и млади од кои половината од нив беа прогласени за хитови, како „Наташа од трето три“.
Бил уметнички директор на Интерфест – Битола за популарна музика (1994-1996). Добитник е на бројни награди и признанија.