Култура

Врачена наградата за „Роман на годината“ на Влада Урошевиќ: Имаме што да му покажеме на светот

Свеченото врачување на наградата „Славко Јаневски“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности синоќа во МСУ се одржа по 24 пат, а генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје.

„Вистината но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Владо Урошевиќ е „Роман на годината“ за 2022 година. Романот е во издание на  „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“  која го промовираше новиот, седми роман на Урошевиќ, во февруари, со истакнатиот театралог Јелена Лужина како автор на поговорот. 

На свечениот настан во Музејот на современата култура писателката Симона Јовановска во име на жирито ги пренесе впечатоците за романот.

– За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов навистина мора да е врвно напишан овој наслов што само го најавува патешествието на семејството Пустополски претставува вистинско чистателско уживање. Владо Урошевиќ оживувајќи го македонски јазик во романот ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, така што вешто не вовлекува во приказната на толку ненаметлив начин оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволсто по секоја прочитана страница, нестандарден во секоја смисла романот ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот на некое друго сега веќе далечно време кое што преминувало пред лицето на Вардар, каков што не го знаеме, истакна Јованоска.

Извршниот директор на фондацијата, Ѕвездан Георгиевски изрази надеж дека во иднина преку ваквите настани македонскиот роман ќе биде доближен не само до македонските читатели, туку и пошироко. Следната година ќе правиме четврт век, се надевам дека ќе биде поамбициозно и попомпезно би рекол, поамбициозно во смисла да го доближиме романот не само на македонските чиутатели туку и малку повисоко, изјави тој.

Писателот на наградениот роман, Владо Урошевиќ изрази благодарност и истакна дека во писателот Славко Јаневски отсекогаш пронаоѓал голема инспирација и дека на него гледа со воодушевеност. Изрази задоволство што за наградата се пријавиле голем број на романи.

– Можеме да констатираме дека имаме една литература во која објавувањето на нов роман станува секојдневна нормална појава и годинава за оваа награда се пријавија голем број на романи. Такво нешто никој од нас во тоа време не можеше да си го претпостави, но тоа што никој не можеше да го замисли се оствари, мене ми е мило што бев сведок на ова добро патување. Изминавне еден долг пат и притоа докажавме дека имаме предиспозиции да се развиваме и понатаму и дека македонскиот јазик е јазик кој може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него и дека на планот на книжевните идеи имаме што да му покажеме на светот, посочи Урошевиќ.

Автор: