Култура

„Банана филм“: Ја пријавивме Агенцијата за филм за корупција, тие ни поднесоа кривична

Откако Агенцијата за филм поднесе кривична пријава против продукцијата „Банана филм“, правниот тим на режисерот Милчо Манчевски најави тужби и кривични пријави за кршење на законот по повеќе основи, за попречување на професионална работа, за клевета и за замолчување укажувачи на корупција.

„Агенцијата за филм лаже дека инспекцијата на Министерството за култура нашла неправилности во работата на „Банана филм“, за да го дефокусира вниманието од нејзиното незаконско работење и како одмазда затоа што нивниот криминал е пријавен до надлежните институции“, наведено е во писмото кое продукцијата го испрати до медиумите. 

Од друга страна, според Агенцијата за филм, пријавата која е поднесена до Основното јавно обвинителство се базира на документи од инспекцијата на Министерството за култура, кои откриваат неправилности во исплатите со јавни средства и недостиг на финансиски извештаи и Финансиската полиција започнала предистрага поради сомнеж за незаконско работење.

За филмот „Мајки“, според Агенцијата за филм финалниот извештај за потрошените 55 милиони денари и други средства не бил доставен, иако било барано од Филмскиот фонд, поради договор за финансирање пред да се донесе одлука за тоа. За филмот „Врба“, се истражува потеклото на значителната сума пари кои се пренесени надвор од земјата, бидејќи постои сомнеж дека биле пренесени преку друга фирма во сопственост на Манчевски, кој работел на развојот на проектот откако филмот веќе бил завршен.

Сè додека случајот со кривичната пријава не се разреши и додека Финансиската полиција не донесе одлука, Агенцијата за филм привремено ги прекинала исплатите за завршениот филм на Манчевски, „Кајмак“ и не потпишала преддоговор за неговиот најнов филм, „Биста“, за кој беа одделени 28 милиони денари.

Продукцијата „Банана филм”, контра овие обвиненија тврди дека ниту една надлежна институција не открила неправилности во нивната работа и моментално нема започнати постапки против нив. Напротив, повеќе институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи нелегално.

„Како продуцентска куќа која стои зад филмски проекти кои се културно наследство на Македонија, и покрај сè, ние веруваме во институциите и во нивната чесна работа за одбрана на јавниот интерес“, стои во демантот на „Банана филм“.

„Истакнуваме дека имаме добиено и позитивен извештај токму од истата таа Агенција за сите наши филмови – „Мајки“ (2010), „Врба“ (2019) и „Кајмак“ (2022).

Групата која сега незаконски владее со Агенцијата за филм ја пласира лагата за наводни неправилности во „Банана филм“ за да го дискредитира најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и неговите домашни и меѓународни успеси кои се без преседан во современата македонска култура.

Оваа кривична пријава е поднесена со цел да се оправдаат најмалку две незаконски постапки на Агенцијата – незаконското одбивање да се доисплатат средствата кои според правосилниот договор Агенцијата ѝ ги должи на „Банана филм“ за завршениот филм  „Кајмак“ кој од минатата година со успех го обиколува светот, како и незаконското одбивање на Агенцијата да потпише договор за проектот на „Банана филм“, „Биста“, кој беше поддржан како филм од национален интерес на конкурсот на истата таа Агенција од мината година.

Лагата на Агенцијата и кривичната пријава имаат за цел и да се одвлече вниманието на јавноста од катастрофалните извештаи за работата на Агенцијата: (1) на Државниот завод за ревизија, во кој е изразено неповолно мислење за работата на Агенцијата за филм, со бројни наоди за незаконска работа („Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење во однос на вистинската објективност на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики за 2021 година“), (2) на Транспаренси Интернешнал Македонија (со наоди за судир на интереси и концентрација на моќ) (https://transparency.mk/2023/03/14/transparensi-interneshnl-makedoni%d1%98a-konstatira-sudir-na-interesi-vo-rabote%d1%9aeto-na-agenczi%d1%98ata-za-film/) , (3) на Министерството за култура кое има негативно мислење по Годишните извештаи за работа на Агенцијата , (4) на инспекцијата при Министерството за култура кое констатирало судир на интереси во Агенцијата, но и од фактот дека (5) Антикорупциската комисија активно ја истражува работата на Агенцијата и ДФРМ и дека (6) лани заклучи судир на интереси.

Сериозни поплаки од повеќе филмаџии против Агенцијата и ДФРМ има и до вицепремиерката за антикорупција Славица Грковска, и тоа може да се провери во нејзиниот кабинет.

И самиот Манчевски, изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм.

Правниот тим на „Банана филм“ подготвува тужби и кривични пријави против луѓе во Агенцијата за филм и други за кршење на законот по повеќе основи, како и за попречување на нашата професионална работа, за клевета и за замолчување укажувачи на корупција.

Како продуцентска куќа која стои зад филмски проекти кои се културно наследство на Македонија, и покрај сè, ние веруваме во институциите и во нивната чесна работа за одбрана на јавниот интерес“.

На крај од демантот се повикува Владата на Македонија да ги разгледа негативните извештаи за работата на Агенцијата за филм и да ги разреши директорот и Управниот одбор поради бројните негативни оценки од релевантните институции, а Обвинителството го повикуваме да отвори истрага против нив.“

Автор: