„Книжевен жезол“ за поетите Весна Ацевска и Новица Ѓуриќ
— 18 февруари, 2023Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) донесе одлука наградата „Книжевен жезол“ за 2023 година да им се додели на поетесата Весна Ацевска и поетот Новица Ѓуриќ од Црна Гора. Преку доделувањето на меѓународната награда „Книжевен жезол“ се прави мост меѓу македонската култура и јазик и другите култури и јазици.
– Реномираната награда „Книжевен жезол“ за поетски опус што им ја доделува Друштвото на писателите на Македонија секоја година на еден домашен и на еден странски поет се врачува во јуни, на манифестацијата „Празник на липите“, во Скопје. Исто така, оваа награда се крунисува со чествувањето на поетското творештво на лауреатите и се изразува преку објавување заедничка збирка поезија во рамките на традиционалната едиција на добитници на оваа награда – велат од ДПМ.
Весна Ацевска (1952) е современа македонска поетеса. Преведува од руски и од јужнословенски јазици. Објавила девет поетски збирки и единаесет поетски избори во земјата и во странство. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот ПЕН-центар, Друштвото на литературните преведувачи, друштвото „Калеваласеура“ од Хелсинки, на Славјанска литературна и уметничка академија во Варна. Учествувала на разни книжевни фестивали, меѓународни книжевни средби и собири во Македонија, како и во Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција и во Хрватска. Нејзини песни се застапени во разни антологии и панорами на современата македонска поезија, подготвени од домашни и од странски редактори. За остварените резултати во поезијата, таа е носителка на наградите „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 2009 година и на „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 2012 година. За нејзиното литературно и преведувачко творештво ја има добиено државната награда „Свети Климент Охридски“.
Новица Ѓуриќ е поет, писател и новинар. Роден е во 1956 година, во Дријенка, кај Колашин. Претседател е на Здружението на писателите на Црна Гора, а бил и претседател на Здружението на новинарите на Црна Гора. Неговото творештво е преведено на италијански, руски, германски, англиски, бугарски, шведски и македонски јазик. Покрај поезија и проза, Ѓуриќ пишува и есеи и критики. Застапен е во 13 антологии и добитник е на 12 книжевни награди и седум награди за новинарство. Живее и создава во Подгорица, каде што работи како новинар на весникот „Политика“. Објавил 25 книги со поезија, проза, есеистика и публицистика.