Зоран Анчевски добитник на наградата „Григор Прличев“ за поемата „Коњски житија“
— 12 јануари, 2023Македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во ракопис за 2022 година, за делото „Коњски житија“, на конкурсот на центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Поемата „Коњски житија“, која пристигнала под шифра „Џамбаз“, на состанокот на жири-комисијата во декември минатата година, едногласно била одрбана меѓу 11-те пристигнати.
– Потребна е поширока популаризација во однос на промоција на изданието на добитничката поема освен во Охрид, таа да се прошири и во други градови во државата. Притоа, констатирано е дека некои од поемите се поднесувани повеќе години наназад, што во иднина треба да се ограничи со правилник, укажувајќи на креативноста како актуелен чин, соопшти жири-комисијата во образложението.
Според тоа, сметаат дека е добро во иднина по еден член од старата Комисија да биде дел и од работата на новоизбраното жири.
Зоран Анчевски е поет, универзитетски професор, преведувач, есеист. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга, меѓународната награда „Џакомо Леопарди“ во Италија, како и на највисоките национални награди за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, и за превод „Григор Прличев“… Приредил и превел на англиски јазик антологиски избори на македонска поезија и куса проза, а избори од неговата поезија се преведени и објавени на повеќе од дваесет јазици во странски списанија и антологии.