Култура

„Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ на Давор Стојановски е македонски кандидат за „Балканика“

Комисијата за избор на македонскиот претставник во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“ во состав проф. д-р Јордан Плевнеш, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев и Јовица Тасевски Етернијан, го избра романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од писателот Давор Стојановски, издание на „Или-Или“.

Од 13 пристигнати книги во најтесен избор влегле и делата „Најосаменото место“ од Симеон Јанков и „Естом“ од Николина Андова Шопова.

Романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски влегува суверено во македонската романескна стварност со поетичка енергија што го разорува класичното време на нарацијата. Неговата современост е негова безвременост и затоа читателот ја чувствува таа силна дислокација што овој роман му ја приредува да не знае каде се наоѓа додека го чита: на Балканот, во Европа или во никогаш невидените предели на сите меридијани, каде секој од нас може да се најде со фаталната слика на скаменетите ликови од Вулканот во Помпеја, сфаќајќи дека и целата планета се претвора во опасна зона на политичкиот, нуклеарниот, социјалниот и еколошки терор и дека античката етимологија на зборот „Planetos“ или „Осамен човек“, може во секој миг низ природните стихии да нè пренесе во „Беззаконието на Вечноста“, во која не се знае зошто сме дојдени на овој свет и каде заминуваме! – стои во образложението на комисијата.

Манифестацијата „Балканика“ планирано е да се одржи во првата половина од 2023 година, а меѓу досегашните добитници на наградата од Македонија се и Владимир Јанковски со „Скриени желби, немирни патувања“ , Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“, известија од „Магор“.

Автор:

Слични статии