Култура

Излезе од печат ,,Анонимен османлиски речник од XIX век” од Драги Ѓоргиев

Во издание на ,,Диван” од Скопје, а со финансиска поддршка на Министерството за култура, излезе од печат книгата ,,Анонимен османлиски речник од XIX век” од академик професор доктор Драги Ѓоргиев.

– Книгата е резултат на обемна истражувачка работа на академик Ѓоргиев и е прва кај нас од овој тип, поточно претставува обработка на речник на турски зборови и зборови на еден од словенските јазици пишуван целосно со арапско писмо. Речникот, предмет на обработка, е издаден во Скопје, а примероци од нив се чуваат во Софија и во Загреб. Двата речника се идентични по големина – вкупно 32 листа, со околу 1.100 турски, арапски и персиски зборови преведени на словенски јазик. Со ова се потврдува и постоењето на алхамиадо литературата и на територијата на Македонија, се наведува во соопштението на „Диван“.

Според Ѓоргиев, „ова издание покажува дека писателите и поетите од нетурските балкански народи кои го прифатиле исламот, пишувале дела на свој мајчин јазик, користејќи арапски букви”.

– Така, литературата која во светот била позната како литература алхамиадо која прв пат се појавила на Пиринејскиот Полуостров, била проширена и на Балканот, вели тој.

Тој потенцира дека „географската експанзија на османлиската држава овозможила политичка интеграција на различни држави, јазици, религии и цивилизации”.

– Сепак, во нејзините граници продолжиле да живеат многу јазици и култури едни до други. Овој речник ги прикажува односите меѓу јазиците и културите во Османлиската империја во кои исламската култура стапила во контакт со другите јазични традиции и го докажала богатството и интензитетот на јазичната реалност на империјата како целина, додава тој.

Уредникот и рецензентот на речникот, професор доктор Зеќир Рамчиловиќ вели дека „издавањето на речникот во Скопје покажува дека Скопје во почетокот на XIX век бил значаен центар за овој дел од Османлиската империја”.

– Исто така, врз анализа на зборовите што се пишувани на –јекавица и –ијекавица и со гласот „х“, најверојатно е дека се работи за босански јазик, а во речникот се запишани и неколку презимиња типични за бошњачкото население во Босна, што укажува и дека авторот е по потекло од Босна. Со ова и се потврдува културната и верската толеранција што се развила во Османлиската империја и овозможувала да се развиваат различни идентитети, па дури и меѓу припадници на иста религија, додава тој.

Ѓоргиев е член на МАНУ и е редовен професор во Институтот за национална историја и копретседател на Комисија за историски прашања. Фокусот на неговата дејност е историјата на Македонија во османлискиот период. Автор е на повеќе монографии, научни трудови и статии.

Автор: