Богатството од „жолтите коверти“ на Живко Јаневски на изложба во КИЦ
— 2 декември, 2022
Ова е изложба која место зборови раскажува со фотографии. Кои немаат цена, и се мерат со злато. Сто и десет дигитално испечатени фотографии од фоторепортерот и дојаен на македонската фотографија Живко Јаневски (1940-2000) содржи изложбата „Точки на интерес“ која синоќа се отвори во Културно информативниот центар во Скопје, во присуство на бројни гости, семејството, пријателите, колегите и почитувачите на неговата врвна фотографија.
Колегите – новинарите и фоторепортерите се уште раскажуваат дека човек и фотограф како Живко нема, а такви му се и фотографиите – врвни и ненадминати, како врвни новинарски текстови.
Во овие фотографски записи, материјали достапни за оваа изложба, снимени во почеток на 1990-те години на минатиот век односно од средината на 1989 до 1994 година, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите опшествени промени.
„На филмските негативи запишани се првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички преставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани. Проценка е дека тоа се извонредни материјали, снимени од еден наш врвен фото журналист, кои сега и јавно се презентираат во форма на изложба“, додава кустосот.
Насловна фотографија на Б. Грдановски
Извор: Независен весник