Култура

Гран при за Никола Ристановски на фестивалот во Никшиќ

Никола Ристановски е добитник на гран при за најдобра машка улога на 18. Меѓународен фестивал на актерот, Никшиќ, Црна Гора, за улогата на д-р Стокман во претставата „Народен непријател“ во режија на Нина Николиќ.
Оваа награда му ја додели жирито во состав: Тања Бошковиќ, претседателка, и Славиша Чуровиќ и Тања Перишиќ, членови. Тоа е трета награда по ред за истата улога, по оние на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, и на фестивалот „Нов тврдина театар“ во Србија. Истовремено тоа е и уште една театарска награда во низата награди што ја добива Ристановски и со тоа станува најтрофејниот актер во историјата на македонскиот театар.
Претставата „Народен непријател“ со Никола Ристановски и Звездана Ангеловска во главните улоги на Македонскиот народен театар е финалниот продукт од големиот и комплексен проект „Патиштата на хероите“. Претставата е по текст од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ.
Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“ (напишан во 1882 година) фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она што се врти против доктор Стокман. Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. „Народен непријател“ отвора и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај? Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист што верува дека промената е можна и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно.

Во главните улоги се Никола Ристановски како д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања, и Звездана Ангеловска, како негова сопруга.
Проектот „Патиштата на хероите“ е поддржан од програмата на „Креативна Европа“, а во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан. Со премиерата на „Народен непријател“ во Скопје се одбележа и Денот на Европа.
Во текот на својата кариера, Никола Ристановски (53) играл во 41 претстава и во 15 филма, при што освоил 28 награди, со што тој е најнаградуваниот македонски глумец. Најмногу соработувал со Александар Поповски (10 претстави и три филма), а најмногу настапи имал во претставата „Буре барут“ (над 150 настапи). Исто така, Ристановски имал богата кариера и во странство, каде што играл во популарните и наградувани претстави „Господа Глембаеви“ и „Дервишот и смртта“. Во 2016 година, Ристановски настапил во филмот „Игла под прагот“ на црногорскиот режисер Иван Мариновиќ.

Автор:

Слични статии