Култура

Дисекција на еден копнеж

(Кон изложбата ,,Анатомија на копнежот” на Ване Костуранов,
Галерија МКЦ, 19-30.10.2022)

Крајот на месец октомври оваа година остана заокружен со изложбата ,,Анатомија на копнежот”, преку која имавме можност да допреме и да осознаеме свет на уште еден автор, чие име веќе подолго време одекнува на сцената на македонската современа ликовна уметност. Станува збор за Ване Костуранов, сликар и илустратор, кој изминатиов месец во Младинскиот културен центар, реализираше уште една своја самостојна изложба, на која беа презентирани вкупно 23 слики, работени во техника акрил на платно.

         Ване Костуранов е уметник, чие сликарство успева многу лесно, некако сосема ненаметливо, да заинтересира и да ја побуди имагинацијата на публиката. Сѐ уште ми се свежи сеќавањата од првата изложба кога дојдов во допир со неговото творештво, во истата галерија на МКЦ (,,Улица Љубов”, Галерија МКЦ, март, 2015). Беше тоа едно посебно доживување со посебна енергија, многу насмевки, воздишки, радост и галерија преполна со луѓе од најразлични генерации. Истото се случи и во ова, последно издание, кое всушност содржеше циклус слики работени во текот на изминативе две години.

        Костуранов е автор чијшто специфичен ликовен ракопис, наивистички пристап и уникатна поетичност во изразот, успева да предизвика вистинска интрига во претставеното, и за возрасните и за најмладите, и за професионалците и за аматерите. За едните тоа е метафора на сопственото, неискажаното, мирот, немирот, копнежот во неговата душа, додека за други пак тоа е еден магичен свет во кој куќичките разговараат меѓусебно, шепотат, се гушкаат една со друга, раскажувајќи ја приказната на очите вперени во нив… За трети пак, секоја боја има различно значење, жолтата едно, зелената и портокаловата друго…

          Во неговите дела, евидентна е јасноста на формите и геометриската прецизност на обработка, кои даваат дополнителна можност за анализа, која може да биде импликација за модерната игра на моралот. Боите во овој циклус главно варираа од сивкасто-плави и светло-зелени пастелни нијанси со портокалово-црвеникави акценти (Кула на ридот, Патека на сонцето, Прва исповед (2022)) па сѐ до жолтеникаво-црвеникави тонови (Војна, Точка на топење (2022)), со што беше постигнат впечаток на совршено хармоничен баланс меѓу делата. Главен протагонист и во овој циклус беше куќата, веќе препознатлива за ликовниот ракопис на овој автор, како симбол на љубов, топлина, заедништво, разбирање, едноставно метафора на она што сме ние самите како битија, но и на заедницата на која припаѓаме, семејството од кое потекнуваме и кое го градиме. Токму ова и се чини дека најмногу влијае делата на Костуранов да ги гледаме на еден посебен начин, да ги чувствуваме толку блиски, како дел од нас, и можеби затоа оставаат уште поголем впечаток врз секој гледач оние дела, каде што куќата стои осамена (Меѓата на светот, 2021), одвоена од сите, облеана во безизразити бои, со што Костуранов директно навлегува во прашања од егзистенцијалистички карактер, силно поврзани со нашето постоење, времето што минува и доаѓа, генерациите што се менуваат…

           Наивистичката обработка на формата само дополнително сведочи за изразитата творечка индивидуалност по која е препознатлив овој автор. Фигурација на граница со апстракција, едноставност, воздржаност, објекти полни со значење поттикнато од архетипското и митолошкото значење кое го носат во себе. Покрај ова, од технички аспект мора да се напомене дека сликите беа педантно изработени, со прецизна организираност на речиси секој детал од платното, кој иако е редуциран единствено на минималистичка употреба на боја и форма, сепак ништо не делува “туѓо” и “страно”. Единствено што можеда се смета како недостаток е онаа делумна стагнација во пристапот, експериментирањето, истражувањето, или оној (недоволен) интерес кон разрешување и потрага по нови сликарски проблеми и тематики, кои со сигурност би внеле свежина и новитет во творештвото.

          Во секој случај, Костуранов е автор кој со сигурност знае како да допре и на еден детски и навидум безгрижен начин, да ја пренесе својата порака до публиката, правејќи дисекција на сопствениот и колективниот копнеж, кој потајно тлее во секој од нас…

Ангела Витановска, историчар на уметност  
3 ноември 2022

Автор: