Култура

Претставата „Народен непријател“ на МНТ е најдобра на МТФ „Војдан Чернодрински“

На 56 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп, за најдобра претстава, односно наградата за уметничко остварување ја доби претставата  „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ, а во изведба на МНТ од Скопје.

Оваа претстава се закити и со уште три награди: награда за најдобар актер ја доби Никола Ристаноски, награда за сценографија и припадна на Вишња Вујовиќ и награда за рекламен материјал на Димитар Димитров.

Наградата за најдобра режија ја доби Кендрим Ријани за претставата „Артуро Уи“ во изведба на битолскиот театар, а најдобра женска улога оствари Бедија Беговска во претставата „Вишновата градина“ на Турски театар од Скопје.

Претставата на битолскиот театар „Артуро Уи“ освен за најдобра режија, ги доби и наградите за најдобра машка епизодна улога, наградата „Димче Трајковски“за Никола Пројчевски, а за женска епизодна улога е наградена Викторија Степановска Јанкуловска. За најдобра костимографија наградата ја доби Благој Мицевски и за најдобра музика, Тримор Доми.

Наградата за млад актер ја доби Сара Спиркоска од претставата „Декамерон“ на прилепскиот театар, а Лидија Митовска Ѓориевска е добитник на наградата за најдобра современа сценска драматизација за оваа претстава.

Актерот Хакан Даци е добитник на наградата „Трајко Чоревски“ за млад актер од претставата „Вишновата градина“ на Турскиот театар. За најдобар текст е награден Рефет Абази за текстот на истоимена претстава „Јазли“ во изведба на Албански театар од Скопје.

Фестивалското жири во состав Љупчо Ѓорѓиевски, режисер, Бесфорт Идризи, актер и театарскиот критичар, Сотир Трајков, не ја доделија наградата за кореографија и сценски движења.

Според Ѓорѓиевски, претставата „Народен непријател“ во целина ги исполни сите критуериуми за најдобро остварување на Фестивалот.

– Она што нѐ водеше, една главна нитка, или мото при оценувањето е да издвоиме од секоја претстава елемент кој е доминантен. Претставата „Народен непријател“ на некој начин изби на врвот, пред сѐ, со своето уметничко обликување во целина каде речиси сите елементи се целосно обликувани, а потоа и со својата актуелност. Еден текст кој е пишуван пред 140-тина години имам впечаток како да е пишуван денес. Прозвучи актуелно и ненаметливо, како да се случува сега и овде, смета режисерот.

На сцената од Центарот за култура “Марко Цепенков“ со доделувањето на наградите и со претставата во чест на наградените „Боливуд“ на театар „Комедија“ од Скопје вечерва ќе биде затворен 56 МТФ „Војдан Чернодрински. 

Автор:

Слични статии