Култура

Изложба со 37 дела, на четири ликовни уметници од ДЛУБ, изразуваат различен стил и поглед на свет

Визуелните уметности подразбираат храброст и слобода. На тоа не потсетува големиот Анри Матис, додека Пабло Пикасо, сликар кој е најпознат по своите бесмртни максими вели дека „секое дете е уметник и дека проблемот е како да се остане уметник кога ќе се порасне.“ Ликовната уметност ги синтетизира овие две становишта и секоја симбиотска експресија наречена ликовно дело предизвикува и духовен, но и рефлективен немир. Во прекрасниот простор Магаза во Битола кој дише со архаика и историски конвулзии на 22 декември беа претставени четворица значајни ликовни уметници со 37 нивни дела во различни техники и материјали, 37 дела кои изразуваат различен стил и поглед на светот, но и артизам кој инспирира и заведува. Во таа студена декемвриска вечер беше отворена изложбата на Лилјана Христовска, Маја Ковачевска, Александар Поповски и Тони Попов, ликовни уметници од поновата генерација чии уметнички пориви ќе бидат на показ до крајот на оваа година, година во која тие ги изработувале овие дела.

Лилјана Христовска е уметница чија специјалност е реставрацијата и конзервацијата, област на која и го завршила својот мастер на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Нејзиното професионално искуство подразбира учество на многубројни конзерваторски проекти во при НУ Завд и Музеј во Битола, секако како конзерватор, а евидентно е и нејзиното учество на завиден број на групни изложби. Она што е типично за оваа ликовна уметница е експериментирањето со различни видови на материјали и текстури, комбинирњето на повеќе техники, експлозии на слободни форми, како и принципот на творештво низ игра.

Маја Ковачевска е ликовна уметница која своите додипломски и постдиплмски студии на Факултетот за Ликовна уметност ги посветила на графиката. За својата студентска активност и посветеност е прогласена за најдобар студент на својот отсек, а секако не заостанала и наградата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ за најдобра студентска графика во 2009 година. Учесничка е на повеќе групни изложби, но е авторка и на свои три ликовни изложби, додека нејзината уметничка биографија бележи и неколку ликовни колонии.

Александар Поповски е исто така ликовен уметник кој своето интересирање во едукативните години го посветил на графиката и графичкиот дизајн кој го дипломира на Факултетот за ликовни уметности во класата на проф. Зоран Јакимовски. На почетокот на својата кариера во деведесеттите години се занимава токму со графички дизајн и илустрација, но има и свои две самостојни ликовни изложби, како и учество на повеќе меѓународни групни изложби. Александар Поповски во голем дел е посветен на педагошката работа и работи како професор по ликовна уметност во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.

Тони Попов е уметник кој визуелната уметност ја дисеминирал низ повеќе медиуми. Неговото присуство на ликовната сцена не е само низ самостојните ликовни изложби кои ги имал четири досега, како и низ групните меѓународни изложби, туку и низ педагошката и менаџерска активност преку летната сликарска школа за деца „Пробај уметност“ во Охрид. За неговото уметничко дело е снимен документарен филм во продукција на Moments, продуцентска куќа од Шарлот, САД, а издавачката куќа „Метаноја“ од Скопје објави книга од неговиот проект „100 дена уметност“.

Овие четири значајни ликовни уметници нудат четири различни начини на мислење, четири сензибилитети, четири светогледи и како што вели Хорациј, „Сликата е песна без зборови“, а ние би кажале дека воодушевувањето на овие нивни дела навистина ќе не остави без зборови, но и ќе ни навее мноштво на впечатоци кои ќе бидат неизбришливи.

Текст на Сашо Огненовски

Автор: