Култура

„ОВИРИУМ – отаде Смртта“ – првиот научнофантастичен роман на Агрон Усеини

„Овириум – отаде Смртта“ е првенчето на авторот Агрон Усеини, издадено од издавачкиот центар ПАБЛИШЕР. Овој роман е првиот дел од планираната трилогија за светот на Овириум. Официјалната промоција на книгата се случи на 27 октомври.

Низ научнофантастичната призма на авторот Агрон Усеини добиваме пропусница во една друга реалност која со сета своја необичност ќе разбуди бран на емоции кај своите читатели.

„Запливај во научнофантастичните води – на нивното дно те чека вистината. Вистината никогаш не е лесно достапна. Треба длабоко и упорно да нуркаш за да ја досегнеш. А Овириум е длабок свет во кој случајностите се апстрактни.“

Ова се првите неколку реченици од краткиот опис на корицата на книгата „Овириум – отаде Смртта“, но тие ни малку не можат да ја дофатат приказната и нејзината комплексност.

Светот на фантазијата е шаренолик, со многу лица, од вештери, самовили, вонземјани, змејови и духови, веќе сме запознаени со секој можен фантастичен лик. Но, во „Овириум – отаде Смртта“ се запознаваме со лик, често споменуван, лик кој побудува страв, но го запознаваме во сосем друго светло. Чуварот на Преминот. За првпат во своето постоење, Чуварот на Преминот, битието познато како Смртта, ќе се соочи со човекот кој ќе ги сруши сите правила што таа ги познава. Неговата посебност ќе го разбуди стравот на Смртта од пророштвото постаро од времето.

Приказната, раскажана од мистериозен наратор, почнува со едно необично момче со едноставно име што често го слушаш во секојдневјето, а можеби дури и самиот го носиш – Матеј. Потонат во сопствениот свет, тој ја открива својата различност. Таа подразбира нов поглед во огледалото.

Остави го стравот дома и со себе понеси ја љубопитноста за минатото. Запознај сè со легендата за едно друго време и бранувај на истата фреквенција, сè додека не се нурнеш длабоко во романот.

Оваа книга во себе крие албум од музика компонирана од композиторот Андреј Блажевски. Албумот „Овириум – отаде Смртта“ е внимателно креиран да ги поттикне и разбуди сите оние чувства кои самите ликови ги доживуваат, и албумот е подарок од авторот за читателите на неговото прво дело.

 

За да откриеш нешто повеќе во врска со книгата, посети ја нејзината веб страница: www.ovirium.mk

 

Автор: