Меѓу личното и универзалното
— 4 ноември, 2021(Кон книгата кратки раскази „222 антиупатства за лична употреба“ од Александар Прокопиев во издание на Авант Прес, Скопје, 2019
Александар Прокопиев е најесенцијалната книжевна појава во македонската книжевност. Со неговите дела започнува една нова ера во македонската стилистика, еден нов начин на мислење со контрастност, дихотомичност и полисемичност кој многу вирално се прошири и кај другите негови, а и денешни, наши современици. Прозата на Прокопиев е истовремено и блиска, но и далечна од реалистичните токови, аспектите особено на неговата кратка проза се и мултизначни, но и полни со пораки кои, вмрежувајќи се во секојдневието метаболитички навлегуваат во интелектот на секој негов реципиент, на секој негов читател.
Пред нас се наоѓа една епохална книга под наслов „222 антиупатства за лична употреба“, книга која меѓу своите страници чува четиридецениска согледба на она што се вика наше опкружување, но и на она што би го нарекол цивилизациска културна тектоника. Оваа, насушно потребна книга во македонскиот книжевен реалитет во своите дамари крие и лаконски, кратки согледби, но и кратки раскази кои се покажувале себеси како колумни, но еве си го продолжиле својот живот како кратки раскази. Зошто „антиупатства“, а не „упатства“? Затоа што Прокопиев, како и секој мудар писател го наслушнува овој грешен 21 век и одделил дел од својот талент за да ни укаже на тоа дека цивилизацијата и нејзината културна полисемичност не се повторуваат таксативно, туку дека минатото со сегашноста е поврзано како кората на дрвото, дека и минатото и сегашноста повремено влегуваат во прегратка едно со друго за да не предупредат на иднината, која пак, еве веќе гледаме дека започнува да ни се одмаздува за сите погрешни „упатства“ кои сме си ги давале едни на други или можеби сме ги завиткале во оставини и сме креирале антилегенди. Антиупатствата во оваа прекрасна книга на антилегендите што урбаната стварност и минатото си ги прераскажуваа за да се утешат од злото кое самите го создаваат, се тврдина од мигови кои со својата актуелност го одредуваат и нашиот, но и неговиот духовен крвоток.
Цивилизаиската вертикала на книгата која импонира со своето тематско разнообразие, но и со суштинската длабочина е во пораките кои се воглавно најмногу испратени кон здодевната конвенционалност и незабележливост во секојдневието. Порокопиев инсистира на то човекот да биде видлив, да остави дел од својот духовен хабитус на сите оние места кои не ги забележува додека патува низ времето и освојува некаков простор одново и одново. Митската одреднива на урбаните констелации кои се смеса од секојдневие и минливост во овие кратски раскази се крие во стилскиот вртлог преку кој Прокопиев е препознатлив веќе четириесет години, онолку колку штп му требало овие раскази/колумни да ги напише распостилајќи ја целата таа „невидлива“ митолошка матрица наведувајќи не да се запрашаме кој е механизмот на видливоста во времето кога здодевноста ни се заканува да се претвори во летаргија. Читајќи го Џон Апдајк секогаш се прашував од каде е врутокот на разнообразните детаљи на овој голем британски автор? Која е одредницата на неговиот хиперреалистичен мининализам и зошто дескрипциите во неговите романи и раскази се сосипани со честички и од материјален и од духовен карактер? Книгата на Александар Прокопиев ме потсети на таа густина на хиперреализмот која ја има таа божественост на стилот што ја сретнуваме кај Џон Апдајк.
Многу е тешко да се одреди цитат од оваа книга. Ретки се книгите во кои секој збор, секоја сентенца, секоја мисла е важна и неотповиклива. „222 антиупатства за лична употреба“ ги отвора дамарите на личното за да му укаже на универзалното што крие есејот на Бела Хамваш, за рецептот за Патриотизам, за љубовта и жената, за предизвикот на постмодернизмот, за чистењето на библиотеката, за моќта на Големите луѓе (автори), за параболичноста во „Личниот прирачник по фантастична политика“, најдолгиот расказ во оваа книга, за трите прозни хаибуни под многу чуден наслов „Прдикокоси“, но и за една вивисекцијата на флертот на модерното време со раздробената и реинсталирана мудрост на минатото. Прокопиев во една реченица говори за постмодернизмот како своевидно прелевање преку жанровите, а во своите кратки раскази и колумни се предава на многу неблагодарната аналитика која низ својот демистификациски процес му додава на политиката и социјалата амалгам на „наследна“ деструкција која досега била невидлива, но крајно влијателна. Како што споменав погоре, оваа книга има и многу аспекти, но има и многу отворени прашања. Прокопиев скоро во сите раскази проиѓа хипотетички користејќи го постмодернизмот како инструментариум за сенчење на реалитетот и отворање на неговата досега неистражена срж.
Франсоа Лиотар во една прилика рекол дека „едно дело може да биде модерно, доколку прво било постмодерно и дека така разбраниот постмодернизам не е конечно модернизам, туку е во неговата зародишна состојба и дека таа состојба е константна.“ „222 антиупатства за лична употреба“ е книжевна постмоденистичка гозба која сите свои теми и мотиви ги „деконструира“ низ некој чуден механизам: креирајќи суптилно поместен реалитет со еден фин комичен прелив кој низ синтагмите на Прокопиев и не враќа назад, но и не фрла во бездната на неодлучноста и колебањето. Токму затоа сите овие 222 антиупатства се напишани за да не се „употребат“, но како што велиме во некои градови да се имаат „на дикат“.
Нашето внимание во секојдневниот живот е воглавно фрагментарно затоа што помислата секогаш ни е заборавена во мрежата од потрепштини и обврски. Мрежа од хедонизам и опстанок. Книгата „222 антиупатства за лична употреба“ ја реконципира таа фрагментарност и се чини дека токму тука лежи рецептот за „видливоста“ на обичниот човек кој во овие прекрасни кратки раскази е и херој, но и антихерој, втурнат во толпата со една мисла прошепотена од големиот автор Александар Прокопиев: како знае и умее да засјае и да покаже дека е тука, меѓу нас.
И конечно, кога ќе ја затвориме оваа книга, штотуку прочитана, имаме чувство дека во нашата глава поминал цел еден живот, и во формална и во содржинска смисла. Во формална од кратките расказчиња по неколку реченици, па се до долгите раскази од неколку страни, а во содржинска смисла од рефлективни одблесоци, преку обмислувањата и искуствените превирања па се до мудрите констатации. Оваа книга фрагментарно го раскажува и нашиот живот, оној кој сме го оставиле во обрисите на урбаното живеење и во впечатоците кои останале во воздухот како дел од нашето духовно искуство. Секако, Прокопиев на крајот нуди „крај без крај“ кој го нарекува „фуснота со задршка“ и она што бескрајно радува во оваа книга е тоа дека овој грандиозен автор за себе говори дека „останал ученик и тоа на еден спонтан начин, без особени усилби“. И со тоа тој го одредува единствениот модус оваа книга да ја разбереме како една целина, а тоа е токму „спонтаноста“. „222 антиупатства за лична употреба“ е книжевен водопад од духовни варијации, литерарна егзалтација со тенки, но цврсти нишки на мудрост и контемплација, книга која и ја отвораме и ја затвораме безброј пати како што на многу нешта во животот сме помислиле многу пати, а сме ги оставиле за тогаш „кога ќе им дојде редот.“ Прокопиев со шепот ни укажува дека редот никогаш не го знаеме ние, туку го чувствуваме, а она што јас љубам да го формулирам е дека го „метаболизираме.“
Рецензија на Сашо Огненовски