Огледалото на паранојата
— 22 октомври, 2021(Кон романот „Циганин, ама најубавиот“ од Кристијан Новак во издание на „Готен“, Скопје, 2021)
Превод од хрватски јазик: Владимир Јанковски
Во романите на Кристијан Новак секогаш навлегуваме како во длабока и бурна вода. Затворајќи ги страниците на неговиот последен хит-роман „Циганин, ама најубавиот“ имате впечаток дека сте излегле на остров по големи книжевни турбуленции и дека впечатокот по неговиот прочит променил доста нешта во вас на духовен план . „Циганин, ама најубавиот“ е роман со голема јазична автентичност, густ наративен тек и дејствие кое воодушевува со својата динамика. Содржинската амплитуда е постојано во битка со четирите нишки кои ги водат главните ликови, но во исто време и со значенската компонента која сепак недвосмислено зборува за ужасните последици од дискриминацијата и криминалните паранои на транзициска Хрватска.
Она што е интересно во овој роман на Новак е цврстата кохерентност на ниво на приказна која ја прават неговите четири главни ликови: младиот Ром Санди, меѓимурката Милена, курдскиот емигрант Нузат и полицаецот Планчиќ. Приказната се преплетува од нивните точки на гледање, додека авторот во формална смисла сите тие нивни раскажувања ги вклопува во една мошне чудна конструкција насловена со шест видови фобии и едно задоволство: ојкофобија (страв од непознато), спектрофобија (страв од сопствениот израз), анкилофобија (страв од парализираност), трипофобија (страв од дупки), децидофобија (страв од избор), симетрофобија (страв од симетрија) и некрофилија, уживање во набљудување на мртвите.
Сторијата има примеси на љубовна приказна и трилер, но и на политичка драма. Следејќи ја фабулата на почетокот имаме впечаток дека следиме две раскажувачки линии: онаа на Милена, која во Саболшчак доаѓа по својот брачен бродолом и се вљубува во Ромот Санди Игнац, и онаа на курдот Нузат, која нагло ја пресекува бруталното убиство околу кое подоцна се преплетуваат други истории. Новак имајќи ги предвид ликовите кои се совршено живописни, оваа комплицирана историја ја провлекува токму низ поетиката на стравот. Непознатиците со кои се сретнуваат и Нузат и Санди влегувајќи во љубовна авантура со Милена, длабоката неизвесност околу нивните судбини, треморот што го предизвикува и општата инхибираност во целото опкружување, како и неурамнотеженоста во измамите кога е во прашање бруталното убиство кога Санди влегува во длабока кома ја формираат генералната координата на дејствието чија вертикала ја доживуваме како сублимат од кажувањата на четирите главни ликови.
Дејствието, како што споменав погоре е фуриозно, со густа мрежа детали и голем број ликови кои го формираат тој хабитат чија конгруентност не ја согледуваме на прв план, туку низ насетувањата во аспектите на ликовите. Имено, точките на гледања и на Милена и на Санди, особено оние „најнесфатливите“ на инспекторот Планчиќ се знаковните ребуси кои ја сублимираат вистинската приказна најмногу со помош на другите живописни ликови. Новак во овој роман го има оној френетичен и лесно рефлективен стил на Џон ле Каре градејќи фабула која има енигматски предзнак. Треперливоста, поточно треморната динамика на целото дејствие е естетската постела на која овој исклучително мудар писател ги положува и главните ликови, но и оние епизодните кои со своите животни одблесоци говорат многу за времето во кое идеологијата е само измама, а социјалните констелации жешко тло по кое мора да се гази бос, додека можноста за избор низ леќите на хистеријата и хипокризијата е илузорна и на крајот сè се сведува на исто: губење на идентитетот и духот. Кодата во овој роман е мудар избор на авторот да остави низа прашања кои висат во воздухот, но и низа пораки. Се чини затоа последната глава не алудира на фобичност говорејќи ни на сите кои изненадени пловевме низ тие повеќе од 500 страници дека само смртта е неизбежна и дека некои „избори“ и „паранои“ лошо формулирани како „живот“ можат да бидат покобни од неа самата.
Имајќи ја во предвид целата параноја како основно расположение во овој многу комплексен роман се наметнува есенцијалната мисла на Лав Толстој кој вели дека „секој мисли на тоа да го промени светот, но никој не мисли на тоа да се промени себеси“. Главните ликови во овој роман плетат мрежа која е лика и прилика на едно транзициско општество кое долго време ги боледува своите болести на дискриминација, понижување, хипокризија, деструктивност и кариеризам. И Милена, и Санди, и Нузат и Планчиќ се поистоветуваат со замислени херои кои никогаш не стануваат вистински, нивните животни определби се далечни и многу магливи, па затоа целото дејствие на некој начин е трчање по тие визии и попатно завлегување уште повеќе во сè поголеми и поголеми грешки и гревови. Меѓимурје е географијата на неговиот постојан инспиративен импулс со целата тајновитост и зачудност што ја носи тој крај, така што таа и формална и содржинска магливост ја носи со себе целата слоевитост на овој роман, кој и покрај тоа што целото дејствие и фактографијата е во рамките на таа географска одредница, самиот приод на Новак како автор го прави овој роман универзален.
„Циганин, ама најубавиот“ во многу наврати говори за соочувањето на малиот човек со сите аномалии на едно општество кое никако да се крене од калта на транзицијата. Кога сме веќе кај транзицијата, и во овој роман, како и во претходниот „Црна мајка земја“, Кристијан Новак во целото опкружување што го опишува, но и во постапките и карактеристиките на ликовите внесува една неизвесност за тоа што ќе донесе утрешниот ден, напнатост, тензичност и неперспективност која ја заменува сигурноста, мирната животна флуктуалност и вистинската љубов. Ликовите импонираат со својата автентичност и живост, со целата убавина на колоквијалноста на својот говор. Изместеноста на политичките превирања кои доаѓаат и од друг крај на оваа планета претопени во траумата на емигрантските придвижувања додаваат сè повеќе масло на огнот и мрачната стварност за која говори Новак зборува со еден хуморен апсурд длабоко загазен во талогот на детално опишаниот реалитет.
Она што е убаво и флуидно во овој роман е завиткано во темни обвивки од скатологии и други јазични дисторзии. Новак пред нас отвара галерија од ликови кои се обидуваат своите стравови да ги заменат со илузии истовремено свесни дека нивната животна приказна не води никаде. Очајниците како што се Милена, Санди, Нузат и Планчиќ се на некој начин зависни од турбуленцијата на случувањата кои во романот имаат механизам што јас би го нарекол „апсурдистичко следство“ со оглед на тоа што излегувајќи од колосекот на обичната логика и градејќи ригидни перипетии ни донесуваат изместена приказна, судбина која не само што не си ја посакуваат, туку и не веруваат дека им се случила ним. Претпоставувам дека тука некаде лежи причината за водењето на дејствието низ означувањата на различните видови на фобии кои заедно, со целата нивна раблеовска последователност формираат една параноична приказна во која иднината полека, но сигурно ја подотвора вратата на дистопијата.
Мајсторски и вешто напишаниот роман на Кристијан Новак говори и за уште една состојба која, се чини дека има длабоки корени и која многу тешко може да се искорени на овие простори, а тоа е човечката нетрпеливост. Во овој роман можеби не се говори толку за потрагата по подобар живот колку по социјалната и интимната рамнотежа. Затоа и е базиран на разните видови параноичност. Нетрпеливоста беше основниот политички вирус кој растури држава од дваесет милиони граѓани припадници на различни нации кои покажаа компактен живот речиси пет децении, а кои не можат да покажат компактност во следните три децении како самостојни држави. Така и во таинственото Меѓумурје на Новак – соживотот и разбирањето се два термини кои не ги испуштиле до крај корените кај луѓето. „Циганин, ама најубавиот“ е параноична рапсодија која укажува на алармантноста за социјална и општествена рамнотежа, а стилот, приказната и ликовите во овој епохален роман говорат за едно бесмртно дело и на Хрватската, но и на европската книжевност.
Објавувањето на рецензијата за книгата „Циганин, ама најубавиот“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Рецензија на Сашо Огненовски