Култура

Филмот на Стефан Арсенијевиќ „Бановиќ Стахиња/As far I can walk“ го отвора 6. издание на Киненова

Со проекцијата на филмот на српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ „Бановиќ Стахиња“/As far I can walk на 27 октомври, во скопското кино „Милениум“ почнува 6. издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски и втори филмови Киненова кој ќе трае до 31 октомври.

Освен во Милениум, филмовите од програмата на Киненова ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија. Лани, поради пандемијата со ковид-19, филмовите од Фестивалот се емитуваа на ТВ24.

Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција, Австрија, ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“, како и краткометражни македонски и странски филмови.

Игор Анѓелков, програмскиот селектор на „КинеНова“ истакнува дека оваа година прикажувањето на официјалната селекција на филмови се враќа онаму кадешто  ѝ е местото – на големиот екран во затемнетата кино сала.

Единствено таму публиката може да ја доживее моќта на подвижните слики на дебитантите од различни кинематографии, кои во светот полн со илузии, ги создаваат можеби најсилните остварувања во седмата уметност во денешно време. КинеНова и оваа година им отстапува простор на осум моќни, нови гласови чии филмови ќе се борат за престижните фестивалски награди, изјави Анѓелков.

Истовремено, тој најавува дека во овогодишната официјална програма ги вклучува минатогодишниот победник на фестивалот во Сан Себастијан, како и актуелниот победник на престижниот фестивал во Карлови вари. Небојша Јовановиќ, директорот на МФФ „КинеНова“ вели дека годишната програма ќе им овозможи возбудлива авантура на гледачите.

Фестивалот оваа година ќе ја слави македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници на начини кои ќе ги објавиме наскоро. Оваа година, фестивалот полека се враќа на класичниот формат на одржување во живо, но сепак ќе ја продолжиме и традицијата отпочната од лани со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ24, вели Јовановиќ.

 

Автор:

Слични статии