Култура

Територија на нови театарски промисли

(Кон вториот театарски фестивал на Балканскиот културен простор „Театар на крстопат“ одржан од 7 – 14 септември во Ниш, Србија)

Театарот е синтетичка уметност која доживува најголеми преиспитувања. Секое време, секоја политичка и општествена констелација се пресликува на театарската сцена, а таа ги отвора варијантите на критичката обоеност и ги впишува пораките упатени кон човештвото. Фестивалите се секогаш место каде што се вкрстуваат различните начини на промислување на театарот, различните концепти и аспекти, но и различните ставови на театарските уметници. Фестивалот „Театарот на крстопат“ означен како фестивал на Балканскиот културен простор, неговото второ издание беше вистинска театарска арена на различни начини на мислење во театарот и она што најмногу импонира во ово извонредно театарско збиднување е интенцијата овој фестивал да стане голем културен и сценски настан на целиот балкански регион. „Театарот на крстопат“ генерално ги отвора вратите за новите театарски концепти, на новите тематски определби на театарските уметници и што е најважно за истражувањето во формите и стиловите во театарот.

Ова, второ издание на овој по многу нешта интересен театарски фестивал зборува и за тоа дека театарот може да се проблематизира, да се отворат неговите елементи и да се навлезе во нивната функција, во нивното значење и нивниот импакт во културата воопшто. Селекторот Влатко Илиќ донесе многу интересен избор од претстави после кои следеја сјајни тркалезни маси веднаш после изведувањата на претставите. Оваа селекција не ја покажа само разноликоста на театарски правци и промислувања, туку покажа дека театарската уметност може многу гласно да проговори за сите цивилизациски аномалии, но и за конкретните општествени збиднувања на нашата поширока околина. Селекторот на публиката и понуди претстави со различни уметнички видокрузи, претстави чија иноватинност најавува нови концептуализирања на театарскиот израз, и конечно претстави чија актуелност ќе разбуди едно сосема поинакво проблематизирање на овие динамични политички, социјални и политички простори.

Она што најпрво паѓа в очи во оваа селекција е инсистирањето на авторскиот театар што е тренд кој многу силно го артикулира гласот кој говори против општествените и политички недоразбирања, што зборува за една многу слоевита и комплексна ангажираност и во режисерска и во продукциска смисла. Размислите во таа насока се преокупација на трите претстави кои најмногу го изразуваат тој авторски театар: „Пази на празнината“ по текст и во режија на Романо Николиќ во изведба на Театарот од Вараждин, Хрватска, „Конс: ново доба“, претстава работена по поезијата на Сречко Косовел во режија на Жига Дивјак и во изведба на Прешерновиот театар од Крањ, Словенија и претставата „Засега е се ок“, авторски проект по текстот на Наташа Рајковиќ во режија на Снежана Тришиќ во изведба на Народниот театар од Крушевац, Србија. Овие три претстави говореа за три горливи теми во нашето окружје, а тоа се интимните односи во брачните бури, социјалните констелации во време на транзиција и никогаш неодговорените прашања за иднината на старата дама Европа. Различните изразни средства на сите три претстави зборуваа за дискунтинуитетот на човековата комуникација, за феноменолошкото преинсталирање кога се во прашање минатото и иднината на тлото по кое чекориме, но и за една редундантна општост во чија матност се губи најмногу човековиот идентитет. Тоа совршено се насетува и во концептите на Тришиќ, Дивјак и Николиќ, но и ни играта на актерите и актерките која се движеше од длабоко страстна и енергична (Пази на празнината), преку здржаната и рационална (Засега е ок), па се до многу чудната и реторички детерминирана (Конс: новодоба). Околу овој блок на претстави во селекцијата на овој фестивал беа и двете претстави работени по авторски текстови од кои еден класичен и еден современ. Имено, независниот театар „Зонг“ од Софија ни донесе едно многу чудно и радикално гледање на парадигматичниот текст на Кладерон „Животот е сон“ во режија на Дина Маркова, додека Белградскиот драмски театар ни донесе една многу прецизна и Пиранделовски параболична претстава по текст на Роланд Шимелпфениг „Денот која јас веќе не беше јас“ во режија на Тара Маниќ. Балансирањето на двата дијаметрално различни жанрови кое се движеше по тенката жица меѓу Коктоовиот театар и математички прецизниот италијански реализам беше втората координата на овој фестивал. „Животот е сон“ на Дина Маркова говореше за онтолошкиот пат од тронот до занданата реконципирајќи го овој класичен текст и концентрирајќи се на судбината на Сигизмунд и создавајќи една претстава која лежи врз движењето и говорот на телото, додека Тара Маниќ со прецизниот и егзактен режиссерски ракопис не натера да поверуваме дека параболата во театарот може да биде со многу крв и месо и дека подвоеноста во брачната институција може да биде и тоа како продуктивна во промената на перцепцијата кон неа. Некаде на средина од овие две струења во репертоарот на овој фестивал е и проектот кој, се чини измами најголемо придвижување во публиката, а тоа е претставата „Кој ја уби Џенис Џоплин“ во изведба на Српскиот народен театар и Младинската престолнина Нови Сад Опенс по текст на Тијана Грумиќ во режија на Соња Петровиќ. Овој документаристички омаж на животот и смртта на големата американска блуз икона Џенис Џоплин е изведба која пулсира меѓу перформансот и театарот, едно многу луцидно поигрување со фактите и имагинацијата, претстава која се чини дека е вертикалниот театарски вектор на фестивалот. Се чини дека оваа претстава ја има целата онаа зачинетост која го гради оној многу цврст симпатички мост меѓу публиката и тетарот и покрај тоа што нејзината стриповска визуелна детерминираност зборува за дистанцата која со актерскиот израз многу љубоморно ја чуваат сјајно изведените хитови на Џенис Џоплин од страна на двете главни протагонистки.

 

Репертоарот на овој театарски фестивал чие влијание е огромно уште со неговото второ издание ги допира трие главни продукциски и режисерки проседеа на Балканот: истражувачкото (експериманталното), ангажираното и неореалистичното. Сето ова наведува на тоа дека иновативноста и ангажманот ќе бидат понатамошната возбуда и на следните изданија на фестивалот кој не остави, а да не понуди и интересни придружни настани како што се тркалезните маси кои беа исклучително интересни и содржајни, трибини, како и промоции на театарски изданија. „Театарот на крстопат“ во својата придружна програма исто така се држеше до истражувачките аспекти во театарската уметност понудувајќи три многу интересни проекти, дијаметрално различни по својата конципираност: претставата – инсталација на театарот од Велес, Северна Македонија „Херои 4.33“ во режија на Деан Дамјановски, „Soundtrack за филмот кој не е снимен“ по текст на Крал на Чачак Нина Бајсиќ во изведба на Радио Бајсиќ и пријателите, како и претставата која се играше во чест на наградените,  „Животот многу се поиграл со мене“ по текст на Давид Гросман во драматизација на Дарко Лукиќ и режја на Дино Мустафиќ, а во продукција на здружението на граѓани „Нова тврдина театар“ и новосадскиот театар Ujvideku sinhaz. Тука би ја додале и претставата на Нишкиот театар во копродукција со театарот од Плевен, Бугарија и театарот од Арад, Романија, премиерата на текстот на Русомир Богдановски „Чудото на Свети Ѓорѓија“ во режија на Никола Завишиќ, всушност неговото премиерно издание на отворањето на фестивалот.

Кон овие придружни настани би ја додал исклучително важната трибина под наслов „Улогата и местото на театарот во медиумскиот простор“ под модераторство на Тања Њежиќ, новинарка на Блиц и уредничка на театарското списание Лудус, како и неколкуте промоции на новирте броеви на списанијата Сцена и Театрон и на театролошките книги „Интертекстуална плетенка. За конституцијата на ликот на Лаза Костиќ“ од авторот Миливое Млаѓеновиќ, како и монографиите за прерано починатиот актерски маг на Србија, Небојша Глоговац во авторство на Тања Њежиќ и за големиот српски театарски, филмски и телевизиски режисер Александар Ѓорѓевиќ во авторство на Драгана Бошковиќ.

Секако, она што публиката најмногу го интересираше беа наградите кои беа доделени во многу категории, а најголемата од нив, за најдобра претстава ја понесе претставата на Вараждинскиот театар „Пази на празнината“ во авторство и режија на Роман Николиќ, претстава која се закити со четири награди на фстивалот.

„Театарот на крстопат“ уште со своето второ издание станува видлив во европски рамки. Овој фестивал покажува дека она што е различно во театарските концепти треба да се одигра на неговиот репертоар за да се отворат сите аспекти на театарскиот израз. Овој фестивал и истражува, но и валоризира, високо и достојно. Тој станува ново јадро и на балканската и на европската култура, а неговите лауреати ќе останат како актерски и режисерски икони со длабока и далекусежна меморија. Овде би ја додал и беспрекорната организација која од овој фестивал и од Ниш направи европска театарска престолнина, една голема и сесрдна посветеност на она што значи големо театарско создание. „Театарот на крстопат“ секогаш ќе ги трасира патиштата на новите театарски промислувања, ќе ги вкрстува, ќе ги гради и разградува театарските опсервации, ќе ги менува и вкрстува новите, а ќе ги модифицира старите и класични театарски изрази, во генерална смисла ќе биде здивот и срцето на европската театарска синтеза.

Автор: Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии