Култура

Крајпатните сивила на љубовта

(Кон романот „На враќање“ на Фросина Пармаковска во издание на Или-Или, Скопје, 2020)

 Преиспитувајќи си ја љубовта на многу наврати човек помислува дека излегол од она што значи нејзина животна преформулација. Бракот како институција ја преобразува љубовта зачинувајќи ја со една круцијална припадност кон семејството која пак, од друга страна е подложна на многу предизвици и искушенија. Романот на Фросина Пармаковска „На враќање“ говори за една недоволно сфатена љубов или можеби за една лавина од недорзабирања која се претворила во судбинска сива животна крајпатност. Таа во овој роман отвора два модели на љубов од кои едната е онаа архаичната која се темели врз несфатената од семејството љубов и онаа што во оптималното време на случувањето во романот се процедува низ низа недоразбирања и која, можеби би била спасена. Оваа сјајна авторка со исклучително уникатен стил низ својот комплексен, но сепак питок стил многу суптилно ја промешува историјата и сегашноста низ призмата на две тешки времиња: она кое страда од строгоста на традицијата и она кое страда од психозата на пандемијата.

Главниот јунак во овој прекрасен роман се враќа од неуспешната промоција во Истанбул „навраќајќи“ се на две љубови, на онаа неговата, реминисцентната, но и на таа што била проколната од сивилото на традицијата. Фросина Пармаковска има стил кој совршено потсетува на големата Маргерит Дира која исто така во своите дела се навраќа на љубовниот порив на еден меланхоличен и реминисцентен начин. Таа во својот „Љубовник“ ќе рече: „Кога е тоа во книга, јас не мислам дека ќе боли повеќе … дека ќе постои повеќе. Една од работите што ги прави пишувањето е што ги брише нештата. Ги заменува.“ Фросина Пармаковска во „На враќање“ низ оваа „роман во роман“ приказна не се надоврзува, туку опстојува низ покајание и надеж преку главниот лик кој е писател: „И сите минати години, сите твои книги стануваа мои јадови. Оти ми беа потврда за мојата грешка. Тебе пишувањето, на пример, не излезе дека ти било некакво летање со умот. Мојата мисла беше таа што залутала.“ Овие два спротивставени гледишта иако низ сличен израз говорат токму за болкта од љубовното заскитување. Маргерит Дира ја исцедува целата суштина на лагата, но би рекол со еден архаичен израз на „прелагата“ која го води духот кон залетување и кон еден стремеж кон идеалот. Фросина Пармаковска ја потиснува лагата и сепак, се обидува да чекори низ пепелта на недоразбирањето. Се поставува прашањето: каде е тука меланхолијата и колку е реалитетот обременет за љубовта да стане дел од една прагматика која истоштува?

„На враќање“ е роман-студија за остатоците од љубовта. За она што значи спомен и она што значи неможноста за ослободување на духот од припадноста на туѓиот мирис и туѓата плот. Велам туѓата затоа што во преобразбата на љубовта и промената на нејзиниот квалитет она што се вгнездило во емотивната гама како „свое“ полека, чекор по чекот станува „туѓо“. Традицијата и нереализираната љубов на Емануел кон Тулај е можеби парадигма, а можеби пак и не се случила? Се случила во една цивилизациска меморија, но таа силна традициска нишка, таа глазура на неизлечива љубовна траума се одвоила од кафезот на инспиративноста и станала некаков мета конструкт чија историска вредност е затскриена зад оние приказни низ сокаците на Битола, пред и зад Хајдар Кади џамијата, на сред Широк Сокак, на големата љубов на Ататурк кон убавата Елени Каринте која никогаш не станала негова и тоа духовно засолниште се врамило во нешто што се вика чувствена метаморфоза оплакната со денешните виртуелности и испоганета од неконтролираната страст, како и од заразата чија психоза веќе има далекусежни последици. Фросина Пармаковска ги соочува двете изгубени љубовни битки токму низ остатоците од нивната љубов, од честички кои и болат и разгалуваат. „На враќање“ е роман на помешани чувства. Главните ликови се „навраќаат“ на местата и на мегданите каде што љубовта била најсилна, се преиспитуваат не можејќи да сфатат до каде се преобразила нивната љубов, каде води зрелоста, а до каде и е дозволено на етеричноста да го натера телото за помисли дека полетало. Се летечки ќилими.

Двете приказни во романот не протекуваат со намера да се раскажат некакви судбини, тие се вмрежуваат во нешто што значи борба да се оттргне бескрајот на обеспокојувањето како би се видел долгоочекуваниот брег на сфаќањето и новото руво на прочистената љубов. Пармаковска овие две приказни ги промешува на принципот на надополнување. Имено, двете љубови се раскажуваат една со друга поигрувајќи си со вниманието на читателот, но и отворајќи големи прашања во неговата глава. Таа во овој роман говори и за тоа дека љубовта може да биде и благослов, но и болест и дека онолку колку што не можеме без неа, толку може да ни биде тешко со траумите од неа. Затоа, се чини дека главниот лик своите реминисцентни пасажи ги минува како да се движи на крајпатните теснеци на љубовното недоразбирање. Повторно ќе се навратам на тоа дека ова четиво е сосема поинаква анализа на љубовта. Фросина Пармаковска во ова море влегува со духовниот инструментариум на меланхолијата. И секако, многу мудро компарира две временски епохи во кои социјалната и општествена депресивност е од различен квалитет, но факт е дека ја има.

„На враќање“ сепак, значи доаѓање до некој почеток. Конечно, секоја љубов умира за да се роди нова, колку излитено и да звучи оваа фраза. Механизмот на недоразбирање, за жал е секогаш тука и против него нема оружје. Радјард Киплинг вели дека сите ние сме острови кои исфрламе лаги еден кон друг во морињата на недоразбирањето.“ Така се стопува и верата и довербата, така се стопува еден свет кој во принцип е изграден од надеж и копнеж. Конечно, романот „На враќање“ и започнува со чувството на топење на животот кое, за жал, е секогаш незабележливо, но е мирна вода која го рони брегот. Овој роман не е сага, овој роман е длабока анализа на себеоткривањето низ непостојаноста на љубовта проткаена со недоразбирање. Токму затоа и на неколку наврати споменав дека тука изричито се работи за остатоците од љубовта. За наша среќа, љубовта има моќ на регенерација. Но, само таа, а не и нашиот дух. Зошто? Затоа што љубовта како емотивен простор не поднесува реминисцентности. А човекот го подразбира сето тоа. „На враќање“ говори за една непостојаност детерминирана од рационалните согледби, но и од суетата за која Џејн Остин вели: „Суетата и гордоста се различни нешта, иако зборовите често се користат синонимно. Едно лице може да биде гордо без да биде суетно. Гордоста се однесува повеќе на нашето мислење за себе, суетата со она што би сакале другите да мислат за нас.“ Секое рацио со себе носи и резерва. Нешто што би го опфатиле со фразата „што ако…“ Тука, се чини лежат крајпатните теснеци на предрасудите во љубовта чија етеричност е голем копнеж, но и сива достага.

Овој роман носи со себе аналитика која наведува на промислување на индивидуалната и интимната историја, на се она што ние и сакаме и мораме да го потиснеме во себе. Заради мир во мислите. Фросина Пармаковска, се чини дека „На враќање“ го посветила токму обратно, на немирот во главата предизвикан од недоразбирањето со историски и филозофски предзнак. Кога говориме за нашите изгубени и несфатени љубови, ние се бориме со начинот на нивната интерпретација и пред себеси и пред другите. Она што е најтешко, секогаш е признанието. Грешките и ирационалностите се тие траги и остатоци кои ги влечеме како огромни товари зафатени со синџирите на гордоста и тие го спречуваат секој наш чекор да стигнеме до некаков друг Авалон, до некаква друга рамнотежа исчистена од сеќавања и реминисцентности.

„На враќање“ е четиво кое после првиот прочит станува доминантно во нашето книжевно искуство. Не можеме тукутака да се разделиме од овој роман после затворањето на последниот лист.

Рецензија на Сашо Огненовски

 

Автор:

Слични статии