Култура

Возбудлива книжевна авантура

(За книжевниот фестивал „АртАреа“ одржан во Скопје, од 14 – 16 мај во организација на издавачката куќа „Бегемот“)

Средина на мај и конечно опуштање на мерките за заштита од Ковид 19 и пандемијата која, за жал, спречи многу културни настани во нашата земја. Но, книжевниот фестивал „АртАреа“ успеа да се спротивстави на оваа закана и со пролетното будење разви и сјајни настани во неговите рамки, фестивал кој минатата година не доживеа никакво одложување со оглед на тоа што тогашното издание беше на почетокот на годината, само два месеци пред да започне пандемијата. Четвртото издание на овој по многу нешта книжевен фестивал понуди многу содржини, што се однесува до промоции на книги, но и доста медиумски настани, како што се музичките перформанси, изложби и проекции на филмови. Значи, книжевниот фестивал на кого самото име му кажува дека е важна артерија на културата во Скопје се претвора во мултимедиски настан кој нуди сјајна и разновидна програма за поклониците на пишуваниот збор, но и на визуелната уметност. Фестивалот како и минатата година траеше три дена, но овој пат беше сместен во нов простор, во дворот на кафе-книжарницата „Буква“ на издавачката куќа „Бегемот“.

Од промоцијата на „Турнеја“ со авторот Сашо Огненовски (лево) и промоторот Владимир Мартиновски

Првиот ден на фестивалот започна токму со визуелната уметност, поточно со изложбата на Јелена Белиќ, додека во попладневните часови се одвиваа две видеопромоции: на романот „Пансион“ на полскиот автор Пјорт Пажињски и на романот „Чекајќи го Боџенглс“ на францускиот автор Оливие Бурдо. Разговорот со двајцата писатели го водеше главниот уредник на „Бегемот“ Филип Димевски. Пјотр Пажињски е многу интересна книжевна појава во Полска, доктор на хуманистички науки и филозоф. „Пансион“ е неговиот дебитантски роман за кого добил неколку награди, меѓу кои и наградата на Европската унија за книжевност. Францускиот писател Оливие Бурдо има многу интересна биографија на човек кој грчевито се пробивал низ животот работејќи разни работи, но кој сепак, на крајот се вратил на својата најголема љубов – книжевноста. Неговиот роман „Чекајќи го Боџинглс“ станал многу популарен и за него тој доби четири награди за литература. Вечерните часови на првиот ден од фестивалот беа посветени на претставувањето на словенечката писателка Весна Лемаиќ и на нејзиното дело, писателка која во тој момент беше на резиденцијален престој во Скопје во рамките на програмата Reading Balkans. Весна Лемаиќ е една од најинтересните словенечки прозаистки, авторка на прекрасни куси раскази и активистка за човековите права. Разговорот со неа го водеше писателот Владимир Јанковски. На крајот од овој фестивалски ден беше промовиран и романот на Сашо Огненовски „Турнеја“ во издание на издавачката куќа „Бегемот“, а чиј инспиративен извор е театарот. Негов промотор,  кој го водеше и разговорот со авторот, беше писателот Владимир Мартиновски. Романот „Турнеја“ е дел од едицијата „Наше маало“ на истата издавачка куќа.

Словенечката писателка Весна Лемаиќ, една од најинтересните словенечки прозаистки

Вториот ден од фестивалот беше отворен со еден многу интересен базар на ракотворби на македонското студентско етнолошко друштво и социјалното претпријатие „Еснаф“, додека во попладневните часови беше промовирана збирката патеписи „Непозната Македонија“ на македонскиот патеписец, преведувач, новинар, туристички водич и новинар, Васко Марковски. Имено, се разботи за збирка на многу интересни патеписи и репортажи објавувани долги години во различни македонски списанија и кои се однесуваат на ликови и места во Македонија, кои се сведоштва за таинствените истории на оваа земја. Книгата е дел од едицијата „На пат“ на издавачката куќа „Бегемот“, а ја промовираше книжевната критичарка и водителка Александра Јуруковска. Во вечерните часови на овој фестивалски ден, се случуваше музичко-поетски перформанс „Тркалезна маса“ со прекрасните млади поети од издавачката куќа „ПНВ Публикации.“ Низ инспиративната музика на „Тркалезната маса“ ги слушнавме лирските и рефлективни стихови на поетите: Андреј Ал-Асади, Димитар Арнаудов, Павлина Атанасова, Ива Дамјановска, Диме Данов, Ивана Јовановска, Исток Улчар, Љубица Шопова и други интересни поети и поетеси кои зборуваа за љубовта, смислата на животот и тегобите на човечката несовршеност. Таа ноќ стиховите летаа заедно со звуците на групата „Тркалезна маса“ околу нас не само како инспирација, туку и како доживување кое фестивалот и ПНВ Публикации ни го врежаа длабоко во душата.

Секако, „АртАреа“ во секое свое издание мисли и на своите најмлади читатели, па така третиот ден во пладневните часови беше посветен на книгите за деца, каде на најмладите читатели им беа претставени книгите „Антон нурка“ на германската писателка Милена Баиш и „Забрането е да се чита Луис Керол“ на шпанскиот писател Диего Арболеда. Тоа беа видеопромоции од едицијата „Вртелешка“ на издавачката куќа „Бегемот.“ „Забрането е да се чита Луис Керол“ зборува за брачен пар од Менхетн кој бара дадилка за својата ќерка единица која би била сериозна, но која би знаела и да лаже, додека „Антон јурка“ зборува за авантурите на детето Антон, кое е слободоумно и сака да открива необични пријатели и во реалниот и во виртуелниот свет. Вечерните часови на последниот ден на овој фестивал беа посветени на филмот. Имено, беше премиерно прикажан филмот „Зикр – дервишкиот верски обред во Скопје“ и беше воден разговор со Амет Селим, шејхот во рифаитскиот тарикат и главниот протагонист во филмот, како и со Филип Јордановски, етнолог и снимател и  Виктор Трајановски, етнолог и автор на филмот. Фестивалот беше завршен со проекции на кратките филмови: „Ќе се јавам на татко ти“, „Farmer’s blues“, „Вера“ и „Без љубов“ на младите филмски режисери Леон Ристов, Ибер Деари, Верица Недеска и Дина Дума.

„АртАреа“ е фестивал кој ја води големата гранка на крвотокот на книжевноста и медиумите во Скопје. Со својата иновативност и извонредни содржини по четврти пат станува значаен културен настан во Македонија. Неговиот комплексен и доста интересен концепт беше поддржан од Министерството за култура на Македонија, градот Скопје и програмата на Креативна Европа. Се надеваме дека пандемијат е на заминување и дека следната година овој фестивал ќе го проследиме во далеку подобри услови и дека ќе бидеме сведоци на уште поинтересни содржини и настани.

Сашо Огненовски

Автор: