Култура

Театар и покрај злите времиња

(Кон 66 издание на Стерииното позорје одржано во Нови Сад од 18 до 26 јуни 2021 година)

Театарот како синтетичка уметност опстојувал во најопасните времиња кога смртта многу лесно, бесшумно се доближувала до човекот ставајќи го во најголемо искушение. Театарската уметност во тие времиња не била лек, туку начин на живот, начин на повторно рекапитулирање на неговата смисла. И минатата, 2020, а и во оваа 2021 година Стерииното позорје успеа во целост да се спротивстави на застрашувачкиот вирус и да ги одржи двете свои изданија во целиот свој сјај. Во таа насока беше и селекцијата на овогодинешниот фестивал на српската драма под мотото „Спротивставувајќи се на злото време“; селекција која донесе многу интересни начини на промислување и во режисерска, а и во драматуршка констелација и конечно селекција која на публиката и понуди извонредни актерски остварувања.

„Како крајот да не е сосема блиску“

Селекторот Миливое Млаѓеновиќ направил селекција од десет претстави (најголем број досега) во кои, се чини дека најмногу доминираа драматизациите на прозни дела на српски автори како што се Добрица Ќосиќ, Енес Халиловиќ, Дарко Цвијетиќ, Владимир Табашевиќ, Меша Селимовиќ. Секако, драмската класика беше присутна со делата на Бранислав Нушиќ и Александар Поповиќ, но оваа селекција донесе и нови млади драмски автори како што се Олга Димитриевиќ и Филип Груиќ на кои им се придружи и веќе докажаната Маја Пелевиќ. Генерално, оваа селекција беше повеќе посветена на оваа нова постмодерна која доаѓа во руво на еден метабрехтијснки концепт со силен акцент на раскажувачкиот театар кој, се чини дека уште долго ќе „беснее“ по сцените на овие простори.

Наспроти злото време, ова Стериино позорје ни понуди различни толкувања на општествените и социјални аномалии со кои веќе долго време се „фали“ нашата стварност, но донесе и неколку преиспитувања на една траума од минатото кое, се чини дека е се уште некако на сите нам на дофат, време на раскол и крвави пресметки, една историја која допрва ќе отвора уште многу неиспитани и недовршени човечки деструкции. Наспроти невидливото зло кое се уште демне околу нас, сите претстави беа преполни до последното место што зборува за фантастичната глад за уметност на публиката која театарската катарза ја сфаќа како своја лечебност, како мисловна авантура и духовно опстојување за кое премолчано констатирала дека е можеби еден од најголемите начини да се излезе од летаргијата и депресивноста која ја донесе тоа исто невидливо зло. Она што остава најголем впечаток во оваа селекција е комплексноста на режиските концепти кои навлегуваат во ововременските превирања и чија артистична рекапитулација на минатото отвора нови прашања и носи нови пораки. Претпоставувам дека е затоа и таа динамична крилатица на селекторот која наведува на едно радикално спротивставување на злото кое „било, е, и (за жал) ќе биде“ меѓу нас. Огледувањето на современото толкување на класичните српски драмски текстови со дрматиката на адаптираните прозни (класични и современи) дела и со новите драматски одгласи на младите српски драматичари отвори арена на различни промислувања на она што значи вечна борба на човекот со злото кое на некој начинот самиот го сочинува.

Уште на самиот почеток на овој мошне интересен театарски фестивал се наметна изведбата на малку познатиот драмски текст на големиот српски дрматичар Алескандар Поповиќ „Кусо петле“ од страна на Суботичкиот театар. Александар Поповиќ е автор со тешки и лингвално сложени реплики, со отровна сатира која е исклучително тешко да се отелотвори во лик и сцена а да не звучи сувопарно, но е автор и со најмногу напишани драмски текстови кои главно се занимавале со политичките и социјалните трауми на поствоеното време во Србија. „Кусо петле“ на сцената донесе бура од прекрасни актерски партии во кои брилјираа Миња Паковиќ, Димитрие Диниќ, Игор Грекса, Срѓан Секулиќ, Милош Лазиќ и Сања Моравчиќ, но донесе и една мудра режија на Милан Нешковиќ кој овој текст длабоко го потопи во реализмот од коj е инспирирана и самата негова драматика. Нешковиќ на многу интересен начин ја отвори таа реалистична „видливост“ за да направи фантастичен простор актерите да изградат извонредни ликови. Оваа претстава (сосема заслужено) доби девет награди на ова издание на Стерииното позорје. Како пан дан на овој начин на мислење беше чудната адаптација на романот на Владимир Табашевиќ „Тивко тече Мисисипи“ која режисерот Ивица Булјан ја смести во една лежерна атмосфера со вкус на перформанс кој обилуваше со импровизации и хуморни салви, но во рамките на приказната која ја нудеше самиот роман. Значи, распадот на едно семејство кое се совпаѓаше со распадот на цела една држава и адаптацијата и режијата го отелотворија низ еден метабрехтијански конструкт во кој траумата е неколку пати измиена низ тажната меморабилија, но и низ веселата проникливост која протекуваше од оние чија меморија не ја вклучува таа историја.

„Тивко тече Мисисипи“

Низ духовитите импровизации се оцртуваа одличните ликови на Милан Зариќ, Бранка Катиќ, Младен Совиљ, Милош Петровиќ Тројпец, а посебно ликот на доајенката на српскиот театар Весна Чипчиќ. Едно сосема поинакво, но повторно брехтијанско прочитување понуди претставата „Ако гледаш долго во понорот“ на Регионалниот театар и Културен центар во Нови Пазар по истоимениот роман на Енес Халиловиќ, а во режија на Златко Паковиќ. Трагичната приказна на шеснаесетгодишната девојка која работи во малата фабрика за фармерки на локалниот тајкун чија криминална трговија со дрога е позната на целиот град е раскажана точно низ таа брехтијанска визура каде ликовите низ сонгови и прераскажувања на целата таа трагика и наменско одигрување на ликовите како би се отвориле сите аспекти на ововременската социјална аномалија која ја разгоруваат транзициските земји. Низ ненаметливата режија на Златко Паковиќ се провлекуваат многу интересни актерски партии на Анѓела Мариќ, Лемана Бињош, Сандра Миљковиќ, Рифат Рифатовиќ, Душан Живаниќ, Харис Шеќеровиќ и Вахид Џанковиќ. Оваа претстава понесе шест Стериини награди меѓу кои и главната за најдобра претстава на овогодинешниот фестивал.

„Ако гледаш долго во понорот“

Драматизацијата на „Делби“ на Добрица Ќосиќ, грамаден проект на Српскиот народен театар од Нови Сад, Народниот театар од Ниш и Народниот театар од Приштина со седиште во Грачаница беше страствена приказна за историските и национални трауми на самиот почеток на онаа војна пред конституирањето на Југославија која сега веќе ја нема. Режијата на Југ Радивоевиќ се движеше од една строго оцртана визуелност до актерска стаменост кои заедно изградија претстава со силен емоционален и реторички набој во која се издвојуваат ликовите на Небојша Савиќ како Урош Бабовиќ, Милан Ковачевиќ како Адам Катиќ, Урош Дамњановиќ како Љубича Дачиќ, како и епизодата на младиот Григорије Јакишиќ како синот на Адам Катиќ, Душан Катиќ.

„Делби“

Дијаметрално различно од ова режиско промислување е претставата „Големата депресија“ на младиот режисер Марко Челебиќ по текст на младот драматург и прозен писател Филип Груиќ. Сместена во исклучително интересна и инспиративна сценографија, потопена во заградено водно пространство, оваа претстава параболично говори за животот на Ибен Бајерс, атлет и првак во голф, богат човек кој станал озлогласен најмногу заради ракот кој го заработил од конзумација на Радитор, лекот создаден од потопување на радијум во вода. Сценската дистанца присутна во оваа претстава импонираше со својата суптилност и мошне зрелата драматургија на младиот Филип Груиќ, додека самата претстава не воодушеви со актерската енергија на Бранислав Јерковиќ, Тијана Марковиќ, Аљоша Ѓидиќ, Предраг Момчиловиќ и другите актер. Конечно, кога сме веќе кај новите театарски изрази и иновацијата во таа насока, вредно е да се спомене и кратката претстава која се одигруваше во старата свилара во Нови Сад која е претворена во културен центар под наслов „Како крајот да не е сосема блиску“, една исклучително интересна дистописка драматургија на Маја Пелевиќ и чудна режиска визија на Никола Завишиќ која се одигрува за само пет луѓе во публиката и која во добар дел се проследува со ВР очила и која говори за неминовноста и блискоста на апокалипсата која има и современ, но и библиски призвук. Секако, се работи за неконвенционална претстава во која публиката е главна улога и каде аудитивниот и визуелниот момент се она што значи поистоветување на актерот со гледачот. Овој интересен театарски проект се одигурваше четири пати во денот сите денови на фестивалот, а ја доби и највисоката оценка од театарската публика.

„Голема депресија“

Овогодинешното Стериино позорје со целата своја актерска, режисерска и драматуршка енергија говори за тоа дека театарот не е духовна храна во време кога смртта за момент почука на нашите врати, туку дека е неопходност која оживувајќи го духот ја зајакнува човековата промисла за се она што значи минато, сегашност и се она што значи очекување од иднината. Енергијата која различните обмислувања на времето како категорија која се мери само со човековата присутност исфрли многу важни пораки, но отвори и многу предизвици што говори за една благородна флуктуалност на овој фестивал за кој сум сигурен дека и следната година ќе донесе многу сценска возбуда.

Осврт на Сашо Огненовски

 

Автор: