Култура

Почнува летната филмска програма во Музејот на современата уметност

На 17- ти јуни (четврток), во 21 часот, ќе биде прикажан  кинеско – американскиот документарен филм „Нашата временска машина“ (2019), со што ќе )започне летното кино со својата редовна филмска програма под отворено небо, на тремот во Музејот на современата уметност  во Скопје.

Во наредните четири месеци во рамки на Летното кино на музејот под отворено небо над градот, публиката ќе има можност да проследи десет креативни документарни филмови. „Станува збор за внимателно избрани филмови, кои во себе, не носат само дидактичка нишка, туку на повеќе нивоа ги отвораат прашањата поврзани со животот и делата на уметниците, општествените и егзистенцијални теми, како и предизвиците на создавањата на делата и раководењето на музеите во 21 век“, вели Дарко Набаков, одговорен за филмската програма и дел од стручниот тим на МСУ.

Летното кино на музејот ќе биде отворено со кинеско – американскиот документарен филм „Нашата временска машина“ (2019) од режисерите Yang Sun и S. Leo Chiang, филм кој го следи создавањето на проектот на влијателниот кинески уметник Малеон. Филмот прикажува повеќеслојна медитативна уметност на агонијата на загубата и љубовта, како и кругот на животот. https://www.youtube.com/watch?v=SEREJDupsZs

Филмот трае 81 минута. Кога влијателниот кинески уметник Малеон ќе дознае дека татко му, реномиран директор на пекиншката Опера, има Алцхајмерова болест, знае дека нема уште многу време. Нивниот живот заедно и спомените набргу неповратно ќе исчезнат. Сакајќи да извлечат најмногу што можат од ситуацијата, тргнуваат на едно неверојатно патување и така почнува нивната соработка на еден впечатлив, волшебен и автобиографски сценски перформанс. Сценариото е на S. Leo Chiang и Bob Lee, а музиката на Paul Brill.

Филмот е досега прикажан на повеќе значајни светски филмски фестивали и добитник е на многу награди, меѓу кои: Гран При за најдобар документарен на Меѓународниот фестивал во Минск, Белорусија во 2019 година, награда за најдобар Интернационален режисер во рамките на ХотДокс, во Канада во 2019 година. Награда за најдобар документарно – игран филм на фестивалот во Мелбурн во 2019 година. Награда за најдобра кинематографија на Трибека филмскиот фестивал во САД, 2019 година. Гран при награда од жири комисијата на Азискиот филмски фестивал во Лос Анѓелес, во Сад, 2019 година и други.

Сите проекции на Летното кино на МСУ ќе се одвиваат на отворениот трем на музејот со почеток од 21 часот, влезот е слободен, а капацитетот е ограничен на 50 седишта. Проекциите ќе се одвиваат според пропишаните мерки во услови на пандемија. Следната проекција, овој месец е закажана за 24 јуни (четврток) и ќе биде прикажан филмот „Музејски град“ (Museum Town) на режисерката Џенифер Треинер, една од основачките на Музејот за современа уметност во Масачусетс/ MASS MoCA.

Автор:

Слични статии