Денови на етнологија и антропологија во „Буква“
— 25 јуни, 2021Од денеска (25 јуни) до недела (27 јуни) во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржуваат „Етно: Антро – Денови на етнологија и антропологија“, во организација на Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА).
За вечерва, со почеток во 18 часот, се планирани средба и разговор со авторите на неколку стрипа: „Баба Рога и другарите“ (двојазична мк/анг сликовница) од Инес Црвенковска-Ристеска, Слободан Танасковски и Александра Софрониевска; „Луѓе, животни и растенија од оној свет: збирка илустрации“ од група автори и „Скопскиот дервиш“ од Виктор Трајановски. Потоа ќе се одржи премиерата на филмот „Копче: облечи си среќа!“ на Александра Ристовски, Елизабета Павковиќ и Виктор Трајановски.
Во 20 часот ќе биде промовирана книгата „Антропологија на сексуалноста: родовост и промена на биолошкиот пол“ од Инес Црвенковска-Ристеска.
Во сабота на програмата, која почнува од 18 часот, се музичкиот настап во живо на чалгаџиите „Мерак“ и на група студенти на ИЕА (Шериф Мустафа, Емилија Богдановска, Дејан Матевски), проекција на филмот „Кеиф: македонска чалгиска традиција“ од Блаже Дулев, промоции на книга и списание: „Од етноцентризам кон хуманизам“ од Ана Ашталковска Гајтановска, чиј промотор е Петар Тодоров и тематскиот број на списанието „ЕтноАнтропоЗум“ посветен на културното наследство на социјализмот, чиј уредник е Даворин Трпески. Ќе бидат прикажани и филмовите: „Премин: постот во различни религии“ на Филип Јорданов и „Зикр: дервишкиот обред во Скопје“ од Виктор Трајановски.
В недела, со почеток во 20 часот, ќе бидат промовирани книгите: „Антропологија на смртта“ од Љупчо Ристески (промотор: Никос Чаусидис) и „Етнографски извори за Македонија. Етнолошки атлас на СФР Југославија. Етнолошки атлас на СР Македонија. Прашање бр. 124. Раѓање, доење, прв заб, Т.1, Кн. 1 и 2“. Вечерта ќе заврши со музичко-сценскиот перформанс „Матен Вардар дотече: фолклорен еротикон“ со рецитаторите: Ѓоко Здравески, Ана Голејшка, Иван Шопов.