Култура

Треба да се радуваме на успесите, без разлика дали делата биле поддржани или не

Батухан Ибрахим е 22-годишен режисер, кој неодамна дипломираше на катедрата за филмска и тв режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Антонио Митриќески и веќе неколку недели работи како асистент на ФДУ. Како што вели самиот, уште е на почетокот на „трката“ и засега има работено на неколку домашни и странски долгометражни филмови. Како режисер се потпишува на неколку кратки филмови, како: „Тишина“, „На ситно или на крупно“ и на „Твистед“, кој е наградуван и прикажан на повеќе од 15 фестивали. Вели дека денес најмногу би се возбудил ако Андреј Звагинцев или Нури Билге Цејлан (Nuri Bilge Ceylan) би направиле нови филмови. 

Батухан Ибрахим: Верувам дека секој човек го има тој мрачен дел што излегува во одредена ситуацијаНеодамна стана асистент на факултетот на кој тукушто дипломираше. (Сцена од филмот „Тишина“

 

Како ја спојуваш оваа работа со проектите на кои сакаш да работиш?

Имам среќа што влегов меѓу оние кои ФДУ ги вработи како млади демонстратори на повеќе катедри, како што е вообичаено во повеќето странски земји, со што некако се брише таа разлика во години помеѓу студентите и професорите. На тој начин комуникацијата е сведена на другарство, во една класа има по 6-7 студенти и замислено е да функционира како едно тело. За овие четири години стекнав некое искуство, кое им го пренесувам на студентите, а и јас учам од нив, продолжувајќи секој ден да се усовршувам, а така и ќе продолжи.

Твојот најнов проект носи наслов „Големата ноќ“! Што се случува во големата ноќ?

-„Големата ноќ“ е мој личен филм. Моментално работам паралелно на повеќе проекти, а тоа е резултат на една луда екипа, која ја сочинуваат колеги од факултет, кои се буквално секој момент гладни за работа. Инспириран е од вистинска случка за една девојка која доаѓа во нашата земја, но поради болки во стомакот мора да оди во болница, каде што се соочува со неверојатни ситуации… 

Јас ќе ја работам режијата, сценариото, иако идејата е заедничка, го напиша мојот колега Никола Кузелов, а продуцент е Илија Тилицовски од „Охо продукција“. Овој проект ќе биде најголем предизвик за мене досега, бидејќи е со најголема актерска екипа, а главната актерка ќе биде од Холандија. Тоа е една голема критика за нашиот здравствен систем.

Краткометражниот филм „Твистед“ беше на Торонто онлајн фестивал, а на независниот холандски фестивал „Pure magic“ доби почесна награда

Многумина филмски автори се жалат дека со години не успеваат да добијат поддршка за своите филмови! Зошто е тоа така, дали имате став околу ова?

-Имам став околу тоа, се разбира. Мислам дека има две групи, во едната група се оние што добиваат филм, а во другата оние кои критикуваат и се жалат. Искрено, како млад автор, сакам да работам, а животот ме зближи со колеги со кои не нè интересира некаков систем или политика. Цело време бегав од некакви групации, а и не верувам дека ги има, бидејќи толку малку луѓе сме во оваа фела.

Сè додека луѓето кај нас се занимаваат со трачови, кој што направил или како направил, ќе тапкаме во место. Секогаш ќе има такви ситуации, на задоволни и незадоволни. Битно е да се најде мотивација и да се направи нешто свое, колку и ова да звучи како клише. Што се однесува до мене, покрај филмот кој е поддржан од Агенцијата, подготвувам независно уште два кратки филма.

Се поставувам неутрално, не мислам тука на политика, туку зборувам, воопшто, на гледање на животот, како мислење, како став. Има една турска поговорка, која вели: „Водата секогаш ќе си го најде својот пат“. Сите треба да држиме едно ниво, ние сме уметници и нашата мисија е да правиме филмови. Дури и Тарковски на почетокот не бил поддржан, а денес цел свет му се восхитува.

Меѓу твоите филмови има и хорор-приказни. Какви филмови сакаш да правиш, кои теми те привлекуваат?

-Ме интересираат помалку и мрачните теми, што би се рекло, сакам да погледнам од другата страна на паричката. Без разлика на жанрот, секогаш се стремам и ми е предизвик да го истакнам и тој мрачен дел од човековата природа. Ме интересира како би реагирал човекот во некои екстремни ситуации. Мислам дека сите имаме некој таков дел во себеси, што може да излезе на површина во одредени околности.

Публиката некако како да го загуби интересот за македонскиот филм, како да ѝ го приближиме, дали треба да се подигне критериумот или…?

Да, мислам дека има начини тоа да се постигне. На пример, телевизиската продукција треба да се подигне на адекватно ниво, бидејќи таа може да го разбуди интересот кај гледачите. Освен тоа, мислам дека би требало да се прикажуваат филмовите на отворено по сите градови и села во Македонија и да им се пружи можност на луѓето да гледаат филмови. Ние сме народ што се разбира од филм, ги имаме браќата Манаки, имаме филмски бекграунд, само треба да се нагази малку повеќе, да се свртиме кон себеси и да вложиме во дистрибуција и рекламирање на нашите филмови и автори.

Твојата животна определба е уметноста! Што следи понатаму?

-Моите родители се уметници, така што пораснав со филмовите на Тарковски и со книгите на Чехов и Достоевски. Многу сакав да ги гледам филмовите на Тарковски, иако како мал толку и не ги разбирав, но имаше некоја магија во нив. Додека, денеска, најмногу сум љубопитен за новите филмови на Андреј Звагинцев или Нури Билге Џејлан, направија неверојатни филмови.

Автор:

Слични статии