Култура

Некои шуми би можеле да станат извор на емисија на јаглерод диоксид

Шумските екосистеми и останатата вегетација секоја година од воздухот успешно отстрануваат и складираат околу 30 проценти од емисијата на јаглерод диоксид кој го создаваат луѓето. Меѓутоа, според резултатите на новото истражување објавено во списанието Science Advances, речиси половина од шумите уште кон средината на веков би можеле да станат извор на емисии на јаглерод диоксид.

Причина за тоа се сè повисоките температури кои неповолно влијаат на процесот на фотосинтеза, додека истовремено ја зголемуваат количината на јаглерод диоксид кој го испуштаат растенијата при „дишењето“ (транспирација).

Фотосинтезата и дишењето на растенијата

Општо познато е дека дрвјата и растенијата се наш сојузник во борбата против климатските промени затоа што за време на фотосинтезата го врзуваат јаглеродниот диоксид и истовремено ослободуваат кислород. Затоа, пошумувањето и зачувувањето на постоечките шумски екосистеми се важни методи во борбата против глобалното затоплување кои ни се неопходни за да го задржиме зголемувањето на просечната температура под еден и половина или два степени целзиусови.

Меѓутоа, како и останатите живи битија на планетата, дрвјата и растенијата исто така дишат. Дрвјата во текот на ноќта го земаат кислородот од воздухот, а испушттаат јаглерод диоксид. Бидејќи количината јаглерод диоксид која дрвјата во текот на денот ја соединуваат со фотосинтезата е поголема од количината што ја испуштаат преку ноќ, тие се во состојба да впиваат речиси една третина од емисијата на јаглерод диоксид кој го создаваат луѓето.

Бидејќи јаглерод диоксидот е своевидна храна за растенијата, луѓето кои се скептични кон климатските промени често истакнуваат дека зголемувањето на концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата впрочем е нешто добро што ќе им овозможи на растенијата побрзо да растат и да придонесат за озеленување на планетата. Сепак, резултатите од ова истражување посочуваат на друг заклучок со оглед на тоа дека негативните ефекти од големиот пораст на температурата се значително поголеми од користа која се создава заради вишокот јаглероден диоксид.

Како и човечкиот организам, и растенијата најдобро функционираат во одреден опсег на оптимални температури, а доколку се пречекори таа граница може да дојде до разни негативни ефекти. Тим научници на чело со Кетрин Дафи од Универзитетот Северна Аризона го испитуваше влијанието на порастот на температурата на интензитетот на фотосинтезата и дишењето на растенијата за да откријат какви последици би можело да има глобалното затоплување на шумските екосистеми.

После анализата на податоците од базата ФЛУКСНЕТ, која опфаќа податоци од преку 800 мерни места во периодот помеѓу 1991 и 2015 година, научниците дојдоа до сознанија дека интензитетот на фотосинтезата иницијално расте заедно со порастот на температурата, меѓутоа тоа се одвива само до одредена граница, по што интензитетот на фотосинтезата почнува експоненцијално да опаѓа.

Истовремено, интензитетот на транспирацијата на стапката на дишењето на дрвјата продолжува да расте експоненцијално, така што количината јаглероден диоксид кој се ослободува на тој начин после одредена температура ја надминува количината која се поврзува со фотосинтезата, правејќи ги шумските екосистеми извори на емисија на јаглерод диоксид.

Колку сме блиску до преминување на границата

Температурната граница после која шумите стануваат извори на јаглерод диоксид не е иста за сите видови. Шумите кои се наоѓаат во тропските предели се составени од видови дрвја кои подобро се прилагодени на високи температури, и нивната граница е значително поголема од оние од умерените географски ширини, но бидејќи сите предели на планетата ги чувствуваат последиците од глобалното затоплување, двата видови шуми се загрозени од порастот на температурата.

Испитувајќи ги податоците научниците дојдоа до заклучок дека во претходната деценија околу 10 проценти од површината на Земјата ја искусиле температурата после која шумите испуштаат повеќе јаглерод диоксид од количината што ја врзуваат, но тоа во моментов е ограничено само на најтоплите периоди во годината. Меѓутоа, загрижува фактот дека, доколку емисиите на гасови со ефект на стаклена градина не почнат да се намалуваат, температурата уште кон средината на веков би пораснала до таа мера што би го загрозила функционирањето на голем број растителни видови.

Резултатите од истражувањето покажаа дека, доколку се случи тоа, вкупниот глобален капацитет на земјиштето и шумските екосистеми да го отстрануваат јаглеродниот диоксид од атмосферата, би можел да се намали за околу 45 проценти уште кон средината на овој век.

Што значи тоа за борбата против климатските промени?

Кога се зборува за достигнување на јаглеродна неутралност, или нето-нулта емисија, впрочем, целта е да се достигне момент во кој вкупната количина гасови со ефект на стаклена градина која се емитува во атмосферата од разни извори, да биде еднаква на количината која од атмосферата ја отстрануваат разни природни процеси.

Во моментов, плановите на сите држави за намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина во себе содржат проценки врз основа на тоа колкава количина јаглерод диоксид би можеле да впијат и складираат земјиштето и шумите на нивната територија.

Новите сознанија до кои сега дојдоа научниците покажуваат дека овие проценки би можеле да бидат мошне погрешни, што би значело дека ограничувањето на загревањето во потребниот обем ќе биде уште потешко отколку што се мислеше досега, од причина што од Земјата нема да ја добиеме помошта што ја очекуваме.

Сепак, она што е важно да се нагласи е што научниците во споменатиот труд истражуваа што би се случило во најпесимистичкото сценарио, она во кое емисијата на ГХГ продолжува неконтролирано да се зголемува. Заради бројните позитивни исчекори кои се случија последниве години ова сценарио изгледа сè помалку веројатно, а од тоа колку светот ќе биде успешен во намалувањето на емисиите ќе зависи и моментот во кој би можеле да дојдеме до границата кога интензитетот на фотосинтезата ќе почне да опаѓа експоненцијално.

Меѓутоа, ова само значи дека имаме малку повеќе време.

Она што е несомнено јасно и што би требало да го разбереме како порака од ова истражување е тоа што природните екосистеми веројатно се многу поранливи отколку што мислевме претходно и дека немаме време за губење. Ситуацијата сè уште е во наша контрола, но доколку сите држави во светот во следната деценија не започнат сериозен системски потфат за напуштање на фосилните горива и дејагленизација на економијата, ќе биде исклучиво тешко да се испочитуваат целите поставени во Парискиот договор и ќе биде тешко загревањето на планетата да се ограничи под безбедната граница.

Автор: Немања Миловиќ

Извор: klima101.rs

Автор:

Слични статии