Глас што му одговара на гласот или овоплотување на поезијата и прозата
— 7 мај, 2021(Кон поетската збирка „Ерато“ на Дерин Рис-Џоунс во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2021 г.)
Поезијата во проза во литературата се однесува како своевидна амфибија во морските имагинативни суштества. Нејзината паратакса е исклучително инспиративна и еманира огромен број значења. Прозните поетски дела во себе содржат длабочини и во темпорална и во содржинска смисла. За поетите, песните во проза стануваат сѐ поголем предизвик најмногу заради тие значенски превирања, но и заради тесната граница меѓу прозниот израз и стиховниот, како и заради една тивка и компромисна нитка на интердисциплинарноста, а и на интертекстуалноста (многу присутна во оваа поетска збирка) која, пак, игра посебна улога во авторовото сместување на инспиративните простори од каде што започнуваат неговите дела и каде што (во поголем број случаи) таму и завршуваат.
„Ерато“ на Дерин Рис-Џоунс е тешка, масивна, комплексна и полизначна поетска збирка со дваесет песни и девет длабоко мотивирани песни во проза чија автореференцијалност нѐ води во еден инсинуативен бескрај чувствувајќи се како давеници во море од асоцијативни стихови поместени низ траекторијата на прозните редови.
Асоцијативната релација на Ерато и Erratum (и како наслов на песна) отвора и дилеми, но и многу возбуди кои низ секвенците и лирските фрагменти се пластат во нас како книжевни искуства што досега не сме ги доживеале. Дерин Рис-Џоунс низ оваа „дијагонална“ асоцијативност ни нуди една страшно ригидна, а би рекле дури и опасна лирика. Немаме никаква џакстапозиционираност на овие два термина: едниот ја означува музата на лирската поезија, а другиот означува латински термин за „грешка“. Но, ја имаме нејзината поетска иновативност, која се движи од лексемската до синтагматичната инволвираност на прозните конструкти во пазувите на лирскиот род. Таа дури посегнува и по графичка интервенција нудејќи ни цела една песна со пречкртани стихови. Жил Верн во една прилика рекол: „науката е изградена врз многу грешки, но тие се грешки во кои е добро да се западне, бидејќи тие доведуваат до вистината.“ Вистината е, конечно, крајната цел на овој по многу нешта оригинален лирски ракопис, но таа е и третата консеквентна точка што го создава триаголникот преполн со висококорпулентна етимологија на сѐ она што значи референтна инспирација.
Дерин Рис-Џоунс ја користи лирската обоеност како околност во која контрастната фрагментираност и псевдореалистичните обоености стануваат магма што тече низ стиховите и постојано нѐ наведува на искричава рефлексија и токму затоа спецификата на оваа поетска збирка е возбуда која не можеме да ја доживееме во ниедно друго уметничко дело:
„На Јутјуб ги барам песните на птиците:
чучулига, славеј, ги пуштам, учителски,
на нерасонет клас. На моето биро има писма,
птичји гнезда од градината. Кос, трнарче,
дрозд, црвеношијка. Би го знаел ли, прашувам,
она што Китс го знаеше, Клер, да поврзеш птица
до шема на знаење, земајќи строфа
од форма до лет?“
(I.M.)
Овие стихови се пример низ кој се движат реторичките и рефлективни пасажи натопени со лирски бои. Читајќи ја оваа збирка се има впечаток дека оваа поетеса пред очите ви го донесува чувството на мирна ледина преполна со цвеќиња непосредно пред нуклеарна експлозија. Тука, во таа траекторија се движат на многу наврати тензичните, а во песните во проза и невралгичните содржини. Споменувам содржини затоа што Дерин Рис-Џоунс во граничните простори на лирските мириси и бои вовлекува многу ангажирана реторика, многу цврст и на многу наврати црн наратив типичен за прозните дела. И сето тоа делува како мешано чувство. Ако се обидеме да ги почувствуваме овие стихови, тогаш се смееме низ солзи, или додека плачеме некои намекнувања нѐ засмејуваат.
Започнувајќи погоре со песните во проза, ќе го наведеме и тоа дека оваа бескрајно талентирана поетеса прозата, екстрахирана со лирски тонови, ја посветува на интимните истории на кои се потсетува онака како што Тарковски го режирал целото свое неодживеано минато искуствено почувствувано низ книгите и сликарството: низ долги, детални и крајно напнати кадри:
„Години подоцна, и – како опсесија што може да ја сфати само иднината – повторно и повторно се навраќам на сликата на Толкувањето на соништата во која таткото се буди со глетката како неговото дете гори. Во неговиот сон детето го повикало. Татко! Не гледаш ли дека горам? Но, неколку часа пред тоа, детето веќе починало; и таткото, претерано истоштен (од премногу болка?) за да остане буден покрај трупот на своето дете, спие во другата соба, не бдеејќи веќе над него.“
(Пожари)
Нејзините песни во проза кореспондираат со едно секојдневие кое е сублимирано од фаталноста на несфатените релации, од дисторзијата на бракот или пак од политичките, социјалните или интимните дисторизии. Дерин Рис-Џоунс пишува стихови за кои имате впечаток дека немаат крај, дека секоја нивна обоеност носи нови и нови асоцијации.
Кога сме кај оние три точки за кои говорев претходно, таа тргнува од една внатрешна продуктивност на тој lapsus lingvae, кој наметнува еднa мемориска реминисценција извлечена од потсвеста и обликувана во артизам со длабоко значење. Она што е точно не значи дека е вистинито. Затоа грешката во оваа поетска збирка е најсликовитa во „Бувот маж“ и започнува од таа историска грешка на т.н. „Бувова библија“, но така и завршува, со песната Erratum во која поетесата многу децидно констатира: „Бевме грешка целите, лизгање. Ти беше песна и нејзиното пеење.“ Вистината во овој рефлективен триаголник на „Ерато“ се преобликува најмногу низ споменатата интертекстуалност. Имено, Дерин Рис-Џоунс цитира многу автори како што се: Маргерит Дирас, Јулија Кристева, Едвард Бишоп, Жак Превер, а некои од нив ги споменува правејќи список подреден по годините на нивниот живот каде што Џон Китс е најмладиот. Сите споменати автори ги исполнуваат стиховите на оваа поетска збирка со одблесоци од нивната артифициелизирана вистина. А тоа е дијаметрално различно од фикцијата што ја пишувале. Интелектуалниот ентитет што продуцира вистина, која пак, од друга страна, наликува на нешто што значи одблесоци од нечие интимно или социјално минато, е главниот протагонист во оваа иновативна поетска збирка и се наоѓа точно на средината од тој триаголник и тогаш, во тој процес, инспирацијата е и тема и сиже, а драматиката е само исцедок од намерната или ненамерната грешка на која со големо право инсистира Дерин Рис-Џоунс:
„…Зборови, нечитливи, вели моето дете во сон,
зборови пренесени од неговиот свет на соништа во мојот.
Музиката на дождот свири на олуците, на рабовите на прозорците:
загуба, каде што значењето сега мора самото да се осмисли.
Да се биде жив е ова. И така сместувам песна во мене,
преведувам звуци и чувства обликувани и подигнати,
диви континенти светлина.
(Каприц)
„Ерато“ е поетска збирка со експеримент во кој стихот самиот си го бара новото обличје. Поетесата низ сите 29 песни не се откажала од компактноста, органиката и драматиката. Нејзиниот обид да внесе нова констелациска определеност на стиховите е стихивана студија што отвора и стилски, но и цивилизиациски дилеми. Дерин Рис-Џоунс е поетски Шенберг кој со оваа поетска збирка носи еден револуционерен навев што го потенцира и со графичка преобликуваност. Во оваа поетска збирка, како што наметнав погоре, ќе сретнеме и пречкртани стихови, но и стихови во проза кои се затемнети, избоени со црно, што говори за едно многу сложено истражување пред и зад стихот, а и длабоко во неговото значење и асоцијативност. „Ерато“ е поетска збирка со мирис на манифест и со лакмус на поетски бунт против еднолинеарноста и застојаноста на „чистата“ лирика. Таа е поетско метаболитичко овоплотување на поезијата во прозата и обратно, своевидна книжевна авантура која се чита многу, многу пати, а се раскажува само самите на себе.
Рецензија на Сашо Огненовски