Култура

Документарниот филм „Кеиф“ денес со проекции во Скопје и Белград

Денес,  (28.05.2021), документарниот филм „Кеиф“ (Македонска чалгиска традиција) ќе има проекција во рамките на Филозофскиот филмски фестивал. Проекцијата е со почеток од 21.00 часот во летното кино на Кинотека, која што ќе биде пропратена со излагање на сценаристот на филмот,  професор д-р Ристо Солунчев, на тема „Македонска музичка епистема“.
Покрај тоа, филмот „Кеиф“, денес ќе има проекција и во Белград, во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград“, во програмата „Денови на современиот македонски филм“, која што од 18.00 часот ќе се одржи во Арт киното на Етнографскиот музеј.


Документарниот филм „Кеиф“ ја прикажува Македонската чалгија која е вкоренета во музичкиот код на многу генерации и претставува карактеристичен феномен што го спојува фолклорот со наследството на музичката традиција на Истанбул, т.е. со византиската црковна музика и со класичната отоманска во еднo, кореспондирајќи со осмогласието и макамскиот систем.
Филмот ги следи историјата и почетоците на чалгијата од Цариград (Истанбул) до Македонија во текот на еден век. Ја следи историјата на старите македонски музички групи (тајфи) основани во Скопје, Охрид, Велес, Кавадарци, Битола, но исто така и турската класична музика, преку академски професори од Турција. Во филмот се користат стари архивски снимки од изведбите на бардовите на овој вид музика, што носи на површина важен сегмент од македонските музички традиции за идните генерации.
Филмот го следи развојот на чалгијата во Македонија, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и секако, нејзиното појавување во денешниот контекст, преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин итн.
Документарниот филм „Кеиф“ е во режија на Блаже Дулев, а во продукција на „Авард филм и видео“ и истиот е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на Македонија.

Автор:

Слични статии