„Дедо и внук“ ќе биде прикажан на шест светски филмски фестивали
— 20 мај, 2021Играниот филм „Дедо и внук“, сценарио и режја на Илија Пиперкоски, го живее својот фестивалски живот, за што зборува и податокот дека е селектиран на програмата на шест престижни филмски фестивали. Според информацијата од продукцијата на овој филм, „Дедо и внук“ ќе биде прикажан на Buenos Aires International Film Festival, што се одржува во главниот град на Аргентина, потоа на Osaka International Film Festival – OIFF се одржува во градот Осака, голем пристанишен град и трговски центар на јапонскиот остров Хоншу, Stockholm City Film Festival и International film Festival во Шведска, Dallas Independent Film Festival во Тексас- САД и Prisma Rome Independent Film Awards во Италија.
– Станува збор за престижни филмски фестивали, на кои се пријавуваат преку 1500 филмови за да бидат дел од официјалната селекција, со што продолжува успешниот поход по награди за новото дело на Пиперкоски, информира продукцијата на филмот кој досега доби шест награди на познати фестивали низ светот, меѓу кои неодамна за најдобар странски филм на Independent Film Awards во Лондон.
Филмот раскажува за проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обични човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Во актерската екипа се Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов… Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков. Снимен е со финансиска поддршка од Агенцијата за филм.