Култура

Валкани игри

Лани, во декември, а по повод „изборот“ на нов директор на Агенцијата за филм – во којшто избор учествувал, ни мање ни више, туку министерот за здравство како особено стручен за таа област! – напишав дека влегуваме во опасен партиски хазард од типичен груевистички манир, при што сите наши (божемни) проевропски аспирации се претвораат во меур од сапуница. Тоа, комбинирано со онаа наша позната злобна провинциска чаршија што функционира како „швајцарски сат“ во полза на се’ што е примитивно, просто, неуко, неспособно… еве, веќе ни пресудува, секој ден, се’ повеќе. Кога пак во сето тоа ќе се заплетка и партиската сплеткарска чаршија од висок маштаб – она стадо покондирени сељачиња и детронизирани криминалци во спрега со секогаш подготвените мамини и татини абонентчиња – сите вклучени на турбо кога треба да издејствуваат поволно решение за себе и своите жиро-сметки, тогаш македонската реалност станува уште појасна. И тука веќе се губат разликите од една до друга партија, од заробена држава до хибриден режим, исти се ко јајце со јајце во нивната бесрамна манипулативност, незаситност, во функционирањето на нивното (во суштина) партиско подземје. И нив, дури, човек може да ги разбере зашто не се способни за ништо подобро – тоа им е биографијата, тоа им е животот и „приклученијата им“. Ама како да ги разберете нивните ментори, овие кои ни продаваат демек демократија, морал, државност… сите од најгоре до најдолу, од претседател на држава до вратар во „Белата шампита“?

Она што нормален човек никогаш и никако не ќе може да го разбере се таквите валкани игри на највисоко ниво, коишто последниве месеци изредија скандал до скандал, резил до резил, секоја постапка покатастрофална од претходната, секоја изјава посрамна од другата. И зарем има нешто поподло кога јавно барате помош од домашните експерти и стручни лица во сите области, а во кабинетите истите ги шиканирате и срамотите, ги дезавуирате и сведувате на мерката на сопствениот партиски шљам? Од Охрид до Курбиново, од Струмица до Тетово, од Агенција за филм до Управата за заштита… сега и „Браќа Манаки“… утре – што? 

Потпаѓањето на највисоките државни органи под малограѓанско влијание, влегување во нивните хазардерски шеми, наседнувањето на нивните еснафско-партиски интриги и дај-дам играрии… се опасна „политика“. Таа никогаш не дава резултат, напротив. Тоа секогаш води кон уништувањето на институциите, оние малку коишто останаа имуни на партократското политикантство. Таквото коцкање со сериозни кадровски решенија, таквото (во основа) необјасниво слугување на високата власт на партиските апаратчици самонакитени со некакви божем звања и знаења, тоа не може да биде грижа за културата и реформите, за евроинтеграциите, уште помалку може да се нарече сериозна државна политика. Зашто ним, а со нив очигледно и на највисоките државни власти, најмалку им се важни јавните интереси, реформите, евроинтеграциите, интеграцијата на македонската култура во европските текови. Ним, а со нив богами и на највисоките државни власти кои стануваат дел од нивните слухови и подметнувања, никогаш и ништо не им било важно освен личниот интерес. И кон тоа било пресметано и насочено се’ – дури до фрлањето на две кесички боја врз скопскиот кич – којшто де факто е нивен кич, дел од нивните личности, од нивните CV-а. Таква им е природата, такво им е воспитувањето.

И ете, тој „филм“ продолжува, сега во друга режија, многу пониска од онаа на „кадровската“ комисија на власта во која седат тотално неуки за работата персони. Сега режисерчињата се во главните улоги, оние истите кои не умеат да режираат филм, ама се одлични во матните еснафски скаламерии. Тоа се оние наши самопрогласени заслужни „филмаџии“ чија обломовштина е веќе легендарна, кои секоја година – и буквално секоја година! – ги полнат личните џебови со државни пари, аминувани од највисоките македонски власти. Ете тие културни минхаузени повторно пројаваа низ македонската култура оставајќи го својот белег сега врз Фестивалот „Браќа Манаки“ како да е нивна лична сопственост, а власта, демек државната власт, посматра од страна небаре е на уште една нивна филмска проекција! Сите, до еден, од најгоре до најдолу!!! На една страна божем ни продаваат проевропски дух и морал, а всушност не се ни милиметар погоре од (не)културните банди што во заложништво ја држат македонската култура.  

Влегувањето на државата, а највисокиот извршен орган е олицетворение на државата, во нивните ситносопственички, лукративни и во основа мафијашки работи завиткани во обландата на грижа за еснафот и политиките во него, е не само контрапродуктивно туку полека станува и погубно за македонската култура, уметност, општество. Партиските абоненти ја упропастуваат државава цели три децении и тоа еднаш ќе мора да престане. Веќе четврта година државата има(ше) таква шанса – не ја (ис)користи. Партиските пулени катагодишно претплатени на културниот – во случајов на филмскиот – буџет и нивните подлости и сплеткарење кога тогаш ќе излезат на видело. Ама ќе се дознаат и нивните покровители, нивните политички заштитници. И тоа е големиот срам, резилот на државата кога оди по линијата на помал отпор, кога задоволува лични и групашки интереси за сметка на општите, јавните, кога упропастува цела една дејност заради нечии болни амбиции и сомнабулни ќефови. Нивната малограѓанштина, нивната неукост и невоспитаност, нивната неспособност ќе траат се’ дури државата еднаш не рече – доста. Сега имаше таква можност и – ја упропасти! Ја упропасти затоа што повторно, по којзнае кој пат, се поведе по партиското а не по стручното, се поведе по нечии желби а не по можности, ја следеше „логиката“ на калкулантите а не кредото на реформите… Се поведе по сплеткарењето, по етикетите, по „бојата од кесичката“ фрлена со предумисла, а богами и дебело наплатена. Се поведе и по умот и „грижата“ за еснафот на неколкумина арамолебци, хохштаплери пар екселанс, профитери во сите политички варијанти.

И повторно – молк, во цела култура, во цела јавност, во целата власт, од најгоре до…

Златко Теодосиевски

Автор:

Слични статии