Поштенска марка во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески
— 5 април, 2021Поштенска марка со ликот на Блаже Конески по цена од 72 денари од денеска може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје. Таа денеска официјално беше претставена во чест на одбележувањето на јубилејот – 100 години од раѓањето на Конески.
Издадена е во 6.000 примероци, а е илустрирана со портретот на Конески, дело на академик Димитар Кондовски. Директорот на Пошта на РСМ, Јани Макрадули, ги покани граѓаните да ја збогатат својата колекција на поштенски марки, додавајќи ја најновата со ликот на Блаже Конески.
„За да ја прошириме во целиот свет да стане што повидлива сите да испратиме барем едно писмо, на некому што му недостига, некому што го чувствуваме близок и да ја ставиме поштенската марка со ликот на Конески, особено во ова тешко време, кога корона-пандемијата физички не одделува едни од други“, рече Макрадули за време на промоцијата.
Поштенската марка е дел од програмата насловена „2021 година во чест на Блаже Конески“. Министерството за култура периодов изработува и видеа за животот и делото на Блаже Конески, веб анимации со анимирани текстови од поезијата и цитати, како и аудиовизуелни спотови со песни на повеќе јазици. Покрај ова, предвидено е и издавање на книги, монографии, научно-наставни проекти, конференции, како и промоција на дигиталното издание на толковниот речник на македонскиот јазик.
Во септември, пак, ќе се реализира чествување на Конески и во Риека, Хрватска и во Галовеј, Ирска, двата града кои се европски престолнини на културата. Исто така, ќе се организира и чествување во Софија, Бугарија. Во рамки на манифестацијата Охридско лето ќе се одржи концерт со изведба на дела инспирирани од ликот и делот на Блаже Конески. Најавени се и изложби на фотографии, книги, илустрации на негови книжевни дела. Поетската манифестација Струшки вечери на поезијата, која годинава одбележува 60 години од постоењето, во рамките на програмата ќе организира и посета на странски поети не само во Струга, туку и во Спомен-куќата на Конески во Небрегово.
Претходно, на 21 март по повод Светскиот ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз беше организиран настан во чест на Конески.