Култура

Отворени писма во затворено време

(Кон книгата „Писма од карантин“, рефлексивни епистоли на Димитар Башевски)

             Димитар Башевски, еден од нашите најистакнати писатели, не само кај нас туку и пошироко афирмиран романсиер, раскажувач, поет, на книжевната публика, сега одново, ѝ предлага една особена книга. Се работи за писма-есеи, објавувани во текот на месеците на пандемијата кога, затрупани од дневните непријатни вести за вирусот и вести од дневно-политичка природа, авторот сакал да го сврти вниманието на публиката кон други, сосем поразлични теми, и читателите, макар за кратко, ги оддалечи од преокупираноста со епидемијата, кон нешта потрајни, повозвишени и поблагородни од болеста што, во нови, позастрашувачки и потрагични плими, не престанува сѐ поопасно, веќе судбоносно да го преплавува светот. Овој ракопис, поттикнат од една стихија, неа самата – директно неспомната – на елиптички начин неа ја содржи длабоко во себе. Во тој контекст, накратко речено, се настанати овие писма на Димитар Башевски, исполнети до дух и со размисли за суштествените нешта, родени среде Ковид-изолацијата која сѐ пожестоко нѐ изолира еден од друг и на тој начин нѐ одвојува од нашата социјална бит, но и сѐ подраматично, егзистенцијално нѐ погодува сите и нѐ тера да создаваме паралелни форми на кореспонденции, главно телефонски и други електронски симулакруми од комуникации; но рефлексивните и креативни автори како него – ги мотивира на создавање нови книжевни творби – и форми.  Башевски во својот книжевен карантин создава писмени обраќања и со тоа уште повеќе ја нагласува – при тоа во нив и мисловно ја проблематизира – драмата на дискомуникацијата присушта на ова бизарно, отуѓено, изолирано, застрашено, протекционистичко, егоизирано… совремие осудено на роеви од човечки самувања, и на генерална човечка самотност.  

            Писмата што се објавуваат во оваа книга, се пишувани во текот на месеците март, април и мај 2020 година, кога пандемијата на корона вирусот го имаше својот прв удар и неочекувано ширење, но и првите драматични и трагични пројави… Авторските епистоли се вид на отворени писма пишувани во време на затвореност, изолација, кога мислата се фокусира на суштествени теми. Тоа се  текстови од длабоки рефлексии и интересни сеќавања, адресирани до колеги писатели и пријатели од други професии, познати, некои и знаменити личности во кои нашиот книжевниот адресант промислува и расправа за феномени и за теми поврзани со книжевноста, но и пошироко, од суштествените слоеви и значења животот.

Епистолариката, еден од најстарите лични, филозофски, заветни, политички, славенички, полемички и особено – литературни жанрови, во нашава средина има скромна  традиција на еден грст, бездруго слично на ова, длабоко  промислени, но поединечни обраќања. Оттаму, објавувањето на ваков вид, книжевни и есеистички обраќања од една личност по пат на отворени писма се пројавува како оригинален творечки чин. Во таа смисла книгата епистоли од Димитар Башевски е оригинален, пионерски креативен зафат. За нивното организирање во овој деликатен ракопис, поттикот дошол од негови колеги по перо, кои сметале дека една книга со ваквиве текстови-писма, освен како расправи, мали есеи на одредени теми, би била сведоштво за едно време, за деновите во кои, како што вели Башевски – сме седеле сами зад прозорец и сме гледале во пустите улици, многумина соочени дури и со депресија поради наметнатата  затвореност.

           Накусо, со својот најнов ракопис, книгата „Писма од карантин“ Димитар Башевски го иницира жанрот на книжевно-есеистички, книжевно-критички и филозофски писма, каков што досега не се пројавил во нашата средина, барем  не во објавени книги, додека тој литературен вид, во културите и книжевностите во светот, бележи многувековни традиции, од антиката па до денес.

Со „Писмата од карантин“ и ние се придружуваме на тие книжевни традиции и затоа овој ракопис се предлага за тивки и длабоки прочити и  рефлексии во доба на стихијата на самостноста. 

 

Рецензија на Томислав Османли

 

Автор:

Слични статии