Култура

„Номадленд“ („Nomadland“) на Клои Жао триумфираше на БАФТА во Лондон

„Nomadland“ на кинеската режисерка Клои Жао освои најмногу награди на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА) синоќа на церемонијата што се одржа во Лондон без публика поради епидемијата на коронавирусот, пренесоа светските агенции. Освен, секако, филмските sвезди Хју Грант и Пријанка Чопра Џонас кои се појавија лично во лондонскиот „Ројал Алберт хол“ и, Рене Зелвегер и Ана Кендрик кои се приклучија од студиото во Лос Анџелес.

Филмот освои награди во категориите за најдобар филм, најдобар режисер, најдобра женска улога и камера. Актерот Ентони Хопкинс ја доби наградата за најдобар актер за филмот „The Father“, во кој тој игра старец кој тоне во деменција.

Филмот „Ma Rainey“ со Вајола Дејвис и покојниот Чадвик Босеман освои награди за најдобри костуми, шминка и фризура. Другите награди беа доделени на „Rocks“, драма за девојка на работ на зрелоста која се грижи за нејзиниот помлад брат, трилерот „Tenet“ и „Sound of Metal“, филм за тапанар кој оглувува. 

Во саботата, „Nomadland“ ја доби и наградата на Американскиот еснаф на режисери на Америка (Directors Guild of America – DGA), а претходно и на Златниот глобус. Данскиот филм на Томас Винтерберг „Another Round“ е избран за најдобар странски филм. 

Актерот Ноел Кларк ја доби наградата за извонреден придонес во британското кино. Наградите БАФТА, како и Наградите на еснафот на продуценти на Америка (Producers Guild of America – PGA), Еснафот на режисери на Америка (Directors Guild of America – DGA) и Златниот глобус, честопати се сигурни индикатори за тоа кој би можел да го освои престижниот американски Оскар оваа година. Доделувањето е на 25 април во Лос Анџелес

Автор:

Слични статии