Култура

Како да се живее во мир со природата? Еве што кажуваат од Обединетите Нации

Обединетите нации, оваа година во февруари, издадоа нов документ кој е збир на претходни истражувања и, кои го опишуваат како „научен план за решавање на климатските промени, запирање на опаѓањето на биодиверзитетот и итно спречување на натамошно загадување на планетата“. Овој извештај е синтеза којашто се темели на податоците од глобалната проценка на повеќе аспекти на околината кои ги објави Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), како и бројни други тела заинтересирани за анализа на состојбата со климата и планетата. Со оглед на тоа дека се работи за синтеза, нема нови информации, но и покрај тоа, документот го нема ветувањето кое се спомнува во насловот „Како да се живее во мир со природата“. Иако повикува на постапна но потполна системска трансформација на општеството и отфрлање на прекумерниот конзумеризам и ирационалниот економски раст, документот нема моќ која би можела да поттикне таква промена. Во понудената синтеза и виновниците и решенијата мора да ги барате меѓу редови и да имате бујна фантазија за да утврдите каква врска има ова повторно повторување на општопознатите детали.

За да го илустрираме проблемот, ќе наведеме  „пет клучни пораки“ содржани во преамбулата на документот:

(1) Промените во околината ги поткопуваат тешко стекнатите развојни придобивки причинувајќи економски трошоци и милиони случаи на прерана смрт годишно. Тие го попречуваат напредокот кон запирање на сиромаштијата и гладта, намалената нееднаквост и промовирањето одржлив економски раст, работни места за сите и мирно и инклузивно општество.

(2) Благосостојбата на денешната младост и идните генерации зависи од итното и јасно раскинување со моменталните трендови за пропаѓање на околината. Деценијата што доаѓа е пресудна. Општеството мора да ја намали емисијата на јаглерод диоксид за 45 проценти до 2030 година, во спореба со нивоата од 2010 и да дојде до „нето-нула“ емисии до 2050 година за загревањето на планетата да се ограничи на 1,5 степен, што е цел на Парискиот договор, и да се зачува биодиверзитетот, но и максимално да се намали загадувањето и создавањето отпад.

 (3) Сите аспекти на нашата климатска криза мора да се решаваат заеднички за да може да се реализира одржливоста. Потребно е развојот на целите, задачите и обврските и механизмите кои делуваат во рамки на еколошките конвенции да се усогласи заедно со нивното спроведување и да се создаде „синергија и ефикасност“.

(4) Економските, финансиските и производствените системи мора да се трансформираат така што ќе бидат предводници на транзицијата кон одржливост. Во процесот на донесување на сите одлуки општеството мора да ја вклучи и „цената на природниот капитал“, да ги елиминира еколошки штетните субвенции и да ги вложи во транзиција кон одржлива иднина.

(5) Секој има улога во тоа човечкото знаење, снаодливоста, технологијата и соработката да се пренасочат од трансформирање на природата во трансформирање на односот на човештвото кон природата. Полицентричното управување со ресурсите е клучно за мотивирање на луѓето да се изразат и да се однесуваат одговорно кон околината, без непотребно саможртвување.

Освен овие добро познати и повеќепати слушнати пораки, следните 100 страници од документот се занимаваат со општи и начелни пораки за намалувањето на биодиверзитетот, загадувањето, за тоа колку малку иднина му преостанува на човештвото, со која брзина изумираат видовите, а со која океаните или пчелите; повторно се изнесуваат бројки за цената на несанацијата на климатските промени кон помало производство на храна, намалувањето на способноста на Земјата да нè прехрани, цената на климатските промени во однос на здравјето на луѓето итн…

 Општеството не е на пат да го исполни Парискиот договор

Во договорот се провлекува повик за холистичка-системска-трансформација на општеството, но сепак во целиот документ не се излегува од рамката на дискурсот на економската вулгата и неолибералниот новоговор на кост-бенефит анализата која става цена на сè што постои на планетата. Зашто, ако не ја пресметаме цената за изумирањето на пчелите, веројатно нема причина да се запре нивното изумирање – фактот дека тие оплодуваат поголем дел од растенијата што ги јадеме наводно не е доволен сам по себе. А дали е оправдано ако недостатокот на храна се пресмета според изгубените профити?

Сепак, документот содржи неколку интересни показатели, на пример дека во последниве 50 години глобалната економија порасна речиси петпати, главно благодарение на тројното зголемување на екстракцијата на природните ресурси и енергијата (добиена од фосилните горива) што поттикна раст на производството и потрошувачката. Светската популација се зголеми за фактор два, на 7,8 милијарди луѓе, а иако во просек просперитетот е зголемен двојно, околу 1,3 милијарди луѓе сè уште се сиромашни, додека околу 700 милиони се гладни. За жал овие бројки не ги следи количеството на глобалното богатство акумулирано во рацете на поединци. Но наместо тоа, одговорноста за климатската криза се генерализира на сè, па стручњаците на ОН, „чие мислење не е нужно мислење на Обединетите нации“ сметаат дека општеството е тоа кое „не исполнува поголем дел од своите обврски“.

Сепак, некои нешта отворено велат дека, на пример, „општеството не е на пат да го исполни Парискиот договор“ и дека во однос на затоплувањето, се движиме кон полоши а не кон подобри сценарија, што значи дека до крајот на векот големи делови од Земјата би можеле да бидат ненаселиви. Истовремено, промените во распределбата и количината на врнежите на планетата уште сега можат да им се припишат на климатските промени и глобалното затоплување. Кога ОН се преправаат дека се строги, тогаш отворено истакнуваат дека „ниедна од договорените глобални цели за заштита на животот на Земјата и за запирање на пропаѓањето на тлото и океаните не е исполнета во целост. Луѓето во моментов влијаат на три четвртини од земјата и две третини од океаните. На милион од вкупно осум милиони видови растенија и на животните им се заканува изумирање, а еродираат и многу „услуги“ од екосистемот кои се важни за луѓето. Од третманот на екосистемот како услуга која му ја пружаат на човекот, се гледа дека стручњаците на ОН дури ни во својата најголема строгост и во најреволуционерните документи во кои се повикуваат на холистичка-системска-трансформација на општеството не се способни да излезат од неолибералниот дискурс. И така на 168 страници објаснуваат до која мера е лоша состојбата на Земјата, но во ниеден момент не нудат ништо конкретно.

 На последните 68 страници, стручњаците на ОН препорачуваат постоечки мерки, кои на пример, веќе постојат во Европската унија (од рециклирањето отпад, до риболовните квоти и директивите за заштита на биодиверзитетот). Додуша, стручњаците повремено укажуваат на дистинкцијата помеѓу постоечките мерки и како тие впрочем би требало да изгледаат. По правило, сметаат дека треба да се зајакнат позитивните мерки и да се дејствува преемптивно, а не да се остави нештата да се движат според принципот „БАУ“ (business as usual) и потоа да се дејствува санациски. Сметаат дека еколошки штетните политики треба дополнително да се ограничат, а еколошки корисните дополнително да се субвенционираат. Сè на сè, ништо ново. Со оглед на тоа дека е 2021 година, ниту Обединетите нации веќе не заслужуваат на нивното додворување на капиталот да му се гледа низ прсти, па треба отворено да се каже дека овој документ не вреди ништо, во него нема ништо ново. Освен ако никогаш претходно не сте читале извештаи на Меѓународниот панел за климатски промени, во тој случај, ова е прекрасна информативна прилика да ги најдете сите податоци на едно место.

Автор: Андреа Милат

Извор: bilten.org

Автор:

Слични статии