Култура

Антонио Вељаноски, режисер: Не мора да имам политичко членство во Чешка, за да имам работа

Антонио Вељаноски е млад режисер кој живее и работи во Прага, Чешка, веќе 12 години. Завршил на ФАМУ во Прага режија а потоа и монтажа. Во неговата биографија, постои значителна бројка, на некаде 40 филма, од кои и неколку тв серии, на кои работел како режисер или монтажер. Во најскоро време, ако добие средства од Чешкиот филмски фонд, ќе започне со работа на неговиот  игран филм со работен наслов „Последен спрат“.

  •  Вашиот последен проект на кој што работите е документарниот филм за аикидо мајстор. Кога ќе биде готов и на кои фестивали ќе биде прикажан, дали го планирате за „Македокс“?

Антонио Вељановски : Се работи за краток документарен портрет на еден аикидо сен сеи или учител, Мирослав Кодим, кој што се занимава со аикидо повеќе од четириесет години. Многу интересен лик и најмногу ме заинтригира како пренесува знаење и како аикидото како боречка вештина влијае врз целиот негов живот. Аикидо не значи насилство, туку во суштина тоа е мировен процес, во кој телото и душата треба да се сплотат и да бидат во хармонија со природата. Самиот назив го отсликува тоа, аи значи хармонија, ки значи енергија и до значи пат, кој што е бесконечен.  Најголемата цел во аикидото е да се победат сите војни без војување како што кажува основачот на самата боречка вештина Морихеи Уешиба. Значи насилство не е дозволено, дозволено е човек да се одбрани дали во физичка или уште повеќе во душевна форма. Филмот наскоро ќе биде  готов и. секако ќе ми биде чест да учествувам со овој филм на „Македокс“.  

За време на снимањето на „И(с)згубени“. Автор на фотографијата е Зоран Вељановски Летра

  • Како млад режисер, веројатно аплицирате за државна поддршка на ваши идни проекти! Дали аплициравте овде и каков е резултатот? Дали се трудите и на друг начин да обзбедите средства за филм, дали аплицирате и во Чешка?

Да, аплицирав за филмот „И(с)згубени“ и добивме поддршка, аплицирав уште еднаш за еден друг краток филм и не добив подршка но не губам надеж, ќе аплицирам повторно овој пат со сосема друго сценарио и ќе бараме средства како миноритна ко продукција. Главнината ќе биде  обезбедена од филмскиот фонд на Република Чешка. А за жал филмот за кој што ме одбија ќе го снимам најверојатно со сопствени средства.

  • Македонската кинематографија, во последните две три години, блесна со неколку филма коишто претежно беа резултат на индивидуални напори на авторите. Се надевам дека имате мислење за тукашната државна поддршка што се дава на филмови што не го достигнале успехот на „Медена земја“ „Исцелител“… Во кој правец треба да се движи македонската кинематографија?

Им симнувам капа на авторите на „Медена земја“ на „Исцелител“ и „Налепница“. Што во такви услови како што се нашите, успеваат на врвни фестивали како што е „Санденс“. Имаме креативни луѓе коишто неуморно работат на тоа да имаат успех како горе наведените филмови. Се надевам дека државата спрема нив ќе се постави правилно и во иднина ќе ги подржи за да не си заминат.

  • Живеете и работите во Чешка. Дали можете да направите една кратка компарација, овде и таму, (Чешка и Македонија), во однос на ставот што го има државата кон, во нашиот случај, луѓето од филмот!

Тешко се споредува состојбата во филмот во Чешка и во Македонија. Како прво Чешка има речиси сто дваесет годишна филмска традиција. Се снимале и неми филмови а Прага била филмски центар и сеуште е во овој регион. Ако направам проста споредба може да се каже дека Чешка во последните дваесет   ретко излегуваат на површина и покрај подобрите услови. На друга страна, во Македонија немаме инфраструктура за филм но имаме идеи, барем во последниве пет до десет години да речеме, во континуитет излегоа неколку филмови што имаа огромен успех не само фестивалски туку и од филмска и уметничка гледна точка. Фестивалите не се секогаш мерило  дали филмот е добар или не. Секако, на големите фестивали има прекрасни филмови, но има и филмови  за кои гледачите се прашуваат како тие филмови стигнале до таму.

Системот овде во Чешка е сосема поразличен. Во Чешка не се менуваат директори кога се менува власта, односно директорите што се способни и чесни остануваат на функција долги години. Кај нас се менуваат на неколку години и не само што директорите не се стручни (не зборувам само во филмската индустрија туку во секоја сфера) туку и немаат доволно време да направат некаква промена. И се разбира, процесот на избирање на раководители на одредени институции во Чешка е многу по демократски и поконструктивен. И пред се тие што избираат се стручни за тоа и претежно знаат што е добро а што е лошо. За мене како жител на Чешка е битно што не мора да имам политичко членство за да имам било каква работа.

  • Зошто режија, како се роди љубовта кон оваа професија? Кога гледате од оваа временска дистанца, дали се уште постои онаа младешка занесеност и љубов да се направи нешто големо и да се стане некој!

Затоа што режисерот, барем во авторските филмови, создава еден свет, каде со помош на филмскиот јазик, искажува свои ставои или тоа што го чувствува.

Автор на фотографија е Антонио Вељановски

  • Колку е потребен труд а колку талент да се биде режисер? Како би ја искоментирале вашата изјава: Не сум екстра талентиран, но работам

Треба да се работи, да се има големо познавање од многу сфери. Треба да си добар психолог, како во однос на работа со луѓе така и во развивање на ликовите. Треба беспрекорно да се знае филмската драматургија. И да се има огромно познавање што се однесува на филмската историја. Јас на пример, црпам инспирација претежно од постари филмови и стари мајстори на оваа уметност. А пред се добра умешност како режисер или продуцент е да знаеш да одбереш талентирани луѓе со кои ќе соработуваш. Така што треба да одбереш талентирани луѓе за соработка.

  • Дали имате свои омилени автори, од кои сте учеле?

Има многу филмови кои што ме инспирирале, како што споменав познавањето на историјата на филмот е клучна. Има можеби стотина автори кои што можам да ги споменам. Но, автори кои што ми се најблиски, кога ги гледам нивните дела со нивните ликови, можам да се идентификувам без разлика што се работи за измислен свет. Тоа се автори како Криштоф Кишловски, Педро Алмодовар, Криштоф Зануси, Томас Винтенберг, Вуди Ален, Алехандро Аменабар, Френсис Форд Копола, Мартин Скорсесе, Стенли Кубрик, Павел Јурачек, Михаел Ханеке и многу други.

  •  Ја сакате и фотографијата и моментално работите на еден проект за Прага!

Да, проектот се вика „Сенките на градот“, каде фотографијата е поекспериментална. Фотографијата ја доживувам како временска машина. Кога гледам стари фотографии да речеме улични фотографии од почетокот на дваесеттиот век на пример. Гледам луѓе кои што се на фотографијата и се прашувам, тој човек со чадорот што оди кон трамвајот, каков живот имал? Имал ли фамилија? Каква му била куќата во која што живеел? Колку долго живеел? Фотографијата те тера да размислуваш, и ми служи некогаш како мисловна алатка во развивањето на ликовите на одредени филмови кои што сум ги работел или допрва ќе ги работам. Фотографијата за мене значи медитација. Нема поубаво нешто од тоа да се изгубам низ Прага или во некој друг голем град и да фотографирам. Едноставно заборавам на се и мислам само на тоа како преку кадрирањето, светлото и сенките што паѓаат врз филмот да создадам  една визуелна хармонија која што добива еден поголем квалитет што се вика фотогенија која што го раскажува времето во кое што живееме. 

Автор на насловната фотографија, портретот со Антонио Вељаноски, е Juan David Cevallos (Хуан Давид Севаљос)

 

Автор: