Роман на годината – извадоци од пристигнатите романи (5)
— 17 март, 2021Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.
Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) на 15 март соопшти дека добтиниг на наградата е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.
„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на годинашниот конкурс.
„Асистола“, Марија Јаневска, „Три“
„Асистола“ – рече Гаврил и кимна во потврдување. Кога Гаврил ги тргна рацете од оперативното поле, Лена можеше да забележи едно малечко парче ткиво, не поголемо од два сантиметра. Срцето.
Толку малечко. Посака да се доближи и да застане на местото на Гаврил, но нозете ѝ беа скаменети и тешки чиниш патиките ѝ беа оловни. Подголтна и погледот ѝ застана на очите на Гаврил кој смирено гледаше пред себе, како да беше сам. Не можеше да се смири. Забрзаното дишење ѝ наликуваше на гушење. Ги погледна сите лица во салата и се обиде да се убеди дека не постои човек кој би останал рамнодушен. Си ги погледна дланките кои ѝ беа водени, а потоа погледот повторно го фиксираше на Гаврил. Но сè што можеше да забележи беше неговото смирено дишење. Сите потези му беа префинети и без грешка. Немаше брзи и несигурни движења. Секое движење беше претходно најавено и дефинирано, како да читаа од книга.Си даваа примат еден на друг и се надополнуваа како еден совршен симфониски оркестар.
„Лена, гледаш?“ – ја праша Гаврил.
„Да, да“- подголтна кога забележа дека има огромна грутка во грлото. Лена не трепкаше.
„Можеш уште да се доближиш“ – ѝ потврди. – Проблемот со ваквиот дефект е што на почетокот се јавува замор, тешкотии во дишењето, но потоа преминува во целосно нарушување на хемодинамиката на телото. Може да се јават страшни отоци на нозетe, на пример.Затоа, штом го дијагностицираме, гледаме да го затвориме пред да тргнат во школо, уште пред школска возраст. Ако е мало дупчето, нема потреба од операција, се затвора со посебна направа, слична на стент. Но ако е големо, како ова, мора да се прави операција. Колку е помало детето кога се оперира, толку подобро.“
Гаврил продолжи да објаснува и два часа летнаа речиси незабележано.
Во еден момент погледот на Гаврил стана нервозен.Лена не можеше да разбере од каде дојде сета промена на динамиката. Но Виктор знаеше. Стоеше и го гледаше внимателно, како мајка што му дозволува на своето дете да оди дури и кога знае дека можеби ќе падне. На челото на Гаврил можеше да се забележат капки пот додека ги грчеше веѓите како да се расправа сам со себе.
„Дваесет минути“ – рече анестезиологот.
„Знам“ – рече Гаврил и нервозно го повторуваше истото движење со раката. – „Не гледам. Анатомски му е поинаку поставено и не можам да видам. Затворам на слепо“.
„Мртвите знаат најдобро“, Владо Јаневски, „Арс Либрис“
Фуриозо сонуваше како оди по улицатa во која живееше поголемиот дел од животот.Кога застана недалеку од неговата куќа, слушна чекори на повеќемина што го следеа, нивните сенки се преметнуваа по ѕидовите.Забрза со намера да се засолни и да биде на безбедно. Не погледнуваше назад бидејќи знаеше дека група непознати се тргнати по него. Набрзо се прибра дома. Ја заклучи вратата зад себе и погледна од прозорецот. Долу изброја сенки на тринаесет луѓе, го чекаа повторно да излезе на улица.
Утрото се разбуди како претепан. Му се чинеше оние тринаесетмина се’ уште го чекаат пред врата. Не знаеше кое е значењето на сонот.Тоа продолжи да го измачува во текот на денот, загадочниот сон му се вртеше во умот како клопче и кога се сретна со татко си Шикамото. Шикамото го повика да му даде некои дополнителни информации што ги беше добил од нарачателот кој сакаше Такахиро да биде елиминиран. По обичај, Фуриозо не слушаше највнимателно што зборуваше татко му, бидејќи Шикамото ја имаше таа особина кога ќе почне да кажува нешто, да не знае да престане. Фуриозо седеше на масата спроти него и го пиеше веќе второто утринско кафе. Кафето како да не му помагаше да се расони и да се оттргне од синоќешниот сон. Меѓутоа очите ширум му се отворија кога од устата на Шикамото го чу истиот оној број од сонот.
„Тринаесет?“ Фуриозо се штрекна, „синоќа не спиев добро поради тој проклет број.“
„Не знаев дека толку ќе се вознемириш затоа што те потсетив дека има уште тринаесет дена до поменот на мајка ти. Не мора да дојдеш на нејзиниот гроб, но јас ќе наминам“, рече Шикамото.
Попладнето, додека Фуриозо пребаруваше нешто на интернет, наиде на студија од некојси експерт за статистика кој беше проценил дека, откога постои човештвото до денес, умреле повеќе од сто милијарди луѓе. Тоа приближно би значело дека денес зад секој жив човек на земјата има редица од тринаесет мртви. Фуриозо си помисли на оние тринаесетмина од неговиот сон.Тогаш како малку да му олесни на душата и како да се успокои, бидеќи пред тоа си мислеше дека тринаесетте сенки се на оние што досега ги беше ликвидирал работејќи за татко си. Додека ја читаше студијата почувствува како го обзема внатрешен мир, му се чинеше дека најпосле му успеа да го протолкува она што го измачуваше. „Чиста случајност“, си рече.
Утредента Фуриозо го уби Такахиро и веќе беше заборавил на сонот, но следната ноќ сонот се повтори, само што овој пат го следеа четиринаесет сенки. Фуриозо не се чувствуваше најдобро.Си помисли, ќе биде најпаметно да паузира. Му се јави на Шикамото да му каже дека нема да дојде во ладилникот.
Кога стана да оди во кујната, на полицата во ходникот го забележа црниот дневник на Нозоми. Го зачуди она што последниот пат го прочита во него, но набрзо го заборави и го зафрли на полицата, меѓу другите работи што се собираа таму со месеци. Дневникот веќе беше прекриен со тенок слој прашина. Го позеде со намера да го фрли во кантата за рециклирање.