Култура

Почина Зафир Хаџиманов, ја загуби битката со коронавирусот

Актерот, композитор и пејач, Зафир Хаџиманов, почина денеска на 77-годишна возраст како резултат на коронавирусот. Тој важи за еден од најпрепознатливите уметници на македонската и југословенската уметничка сцена со богат опус што го остави зад себе, како најпознат македонски културен деец кој живееше и твореше во Белград и Србија. 
„Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“, познати ви се, нели, овие наслови, испеани шансони, евергрини. Тоа се само најпознатите, од кои веднаш ви текнува на мултимедијалниот уметник кој се занимавал со поезија, проза и музички дела Зафир Хаџиманов. Тој, легендарниот Хаџиманов, играл и главни улоги во неколку филма, како во филмовите „Нож“ и „Македонска крвава свадба“. Тој е последниот човек кој пред маршалот Тито отпеал сплет македонски песни.

Во 2007 година беше промовиран во почесен амбасадор на културата во Србија, а пред тоа, во 1991 година беше еден од основачите на македонско-српското пријателство Шар Планина како и на здружението на македонците во Белград „Македониум“. Тој многу успешно ја афирмираше Македонија и нејзинита култура во Србија и овие простори и беше еден од најистакнатите преставителни личности на македонската заедница во Белград, за што има добиено повеќе македонски и српски признанија и награди.
Зафир Хаџиманов по таткова линија потекнува од Кавадарци, додека по мајчина е скопјанец. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград. Во брак беше со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ-Хаџиманов, со која го имаат синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар.

Автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Носител на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб во 2003 година.

За својата работа Хаџиманов е добитник на повеќе награди, како што се: наградата на југословенската естрада и е прогласен за истакнат уметник на Србија, наградата за животно дело на скопското радио Бубамара во 2002 година; награда за животно дело, по гласање на гледачите на ТВ Јесењин, Нови Сад во 2003 година и во 2006 година наградата „Златна маска“ за ширење на македонската култура низ светот. Покрај неколкуте награди за животно дело и нашата Влада во 2009 година го прогласува за амбасадор на културата на Република Македонија во Република Србија.

Почетоците на Хаџиманов како кантавтор се во седумдесеттите години на минатиот век, кога ќе се појави како автор на стихови и во тандем со композиторот Корач ја освојува првата награда на Скопскиот фестивал со песната „Земи момче Македонче“, а потоа во 1971 година и со песната „Панаѓур“. Како автор на „Како Вардар“, „Зошто“ и „Туѓа си“ наградуван е на Скопскиот фестивал во 1972/1973/1974 година.

По повод 55 години од неговото музичко творештво, во 2014 година е промовиран неговиот компилациски албум со 19 песни, што во тираж од 10.000 примероци е дистрибуиран како подарок .

Хаџиманов на домашната македонска сцена во 1968 година игра главна улога во музичката комедија на Т. Арсовски и А. Џамбазов во Драмскиот театар во Скопје, а во дует со Љупка Димитровска ја освојува првата награда на фестивалот „Скопје 68“. Во 1969 година повторно се појавува на филмското платно во филмот „Време без војна“ од Бранко Гапо. Таа година втор пат заминува на турнеја во СССР, а на фестивалот во Опатија ќе ја испее песната на А. Корач, „Био е мај“, која ќе стане дефинитивно голем евергрин. Сам или во дует со својата сопруга Сенка Велентанлиќ-Хаџиманов, снимил повеќе ТВ-програми и го поминал светот пеејќи на концертите ширум светот. 

Автор:

Слични статии