(Кон претставата „Иванов“ од А.П. Чехов во режија на Тимофеј Куљабин. Гл. улоги: Евгениј Миронов, Чулпан Хаматова, Игор Гордин, Елизавета Бојарскаја, Виктор Вержабицкој, Александар Новин, продукција на Театарот на Нациите, Москва)
„Иванов“, првата целовечерна пиеса на А.П. Чехов е драмска аналогија на наивноста. Велам аналогија затоа што Чехов уште во првата своја голема пиеса се пресликал самиот тој со целата негова духовна чистотија. Дијалозите во оваа пиеса имаат многу поголем набој од следните што тој ќе ги напише после неа, но на некој начин е и најмрачна од целиот негов опус. Тимофеј Куљабин гради претстава која е дефинитивно поместена во друго општествено милје, една до крај осовременета верзија во која наивниот Иванов има сосема други карактерни состојки. Но, оваа верзија е далеку побрза и подинамична иако претставата сепак трае добри три часа. Имено, во современата интерпретација на овој текст кај Куљабин ги нема игрите со карти, Лебедев живее во некоја викендичка од дрво и целата закажана и поништена свадба меѓу Иванов и Саша во четвртиот чин е сведена на некаков кетеринг. Иванов на Куљабин е тивок, контемплативен и мек. Тој е опкружен со „будали“ и во дваесет и првиот век, но е длабоко свесен дека идеализмот одамна не кореспондира со наивноста и дека таа битка кај него е одамна изгубена. Затоа неговата ноншалантност е заменета со тивка тензија која во режиска смисла наметнува блага персифлажа водена многу суптилно. Куљабин овој Иванов не го води по тенките и завиени патеки на промислувањето на изгубениот живот и по деструктивните заклучоци од финанисискиот колапс чија зараза е присутна и во другите пиеси на Чехов. Оваа негова верзија има мирис на Артур Милер и тече над нивото на прашливата контемплација на Русија на почетокот од дваесеттиот век. Секако дека провиниенцијата на Чехов има мудар предзнак, но режискиот концепт на Куљабин како да прочитал што Чехов мислел пред да почне да го пишува својот „Иванов“. Сместена во работните простории на Иванов, во брвнарата на Лебедев, во неговата куќа со неколку соби и балкон, како и во позадината на свадбената сала каде што само повремено се слушаат звуци од свадба, оваа пиеса има совршено патетична глазура и уште на прв поглед потсетува на американските драми од формат на „Смртта на трговскиот патник“. Да бидеме на чисто, овој режисерски концепт функционира до крај и по својата органичност, а и принципот на транспонирање е крајно релевантен не губејќи ги вредностите на ликовите и драмскиот корпус на самиот Чехов. Она што „недостига“ е онаа меланхоличност која е некако „незибежна“ кога помислуваме на сензуалноста на сите негови текстови. Куљабин во својата режија инсистира на суровоста и на клаустрофобичноста, компоненти врз кои се темели тоа транспонирање на целото дејствие. Големината на оваа претстава и на оваа режија е токму во тоа добро вклопување на „новата драматургија“ во ова време. Тоа не значи само безвременско значење на самиот текст, туку и една реферираност на западната и источната драматургија чии модели се воглавно слични, само цивилизациските лакмуси им се поинакви. „Иванов“ на Куљабин повремено иритира, но и извлекува емоции, додека актерските партии се консеквентни и крајно чисти и покрај тоа што имаат еден топол амалгам на патетика.
Иванов на Евгениј Миронов е како што кажавме погоре мек, тивок и секогаш некаде загледан. Но, не во целата пиеса. За овој Иванов е типична една живост која е, од друга страна, атипична за тоа како е пишуван самиот Иванов. Миронов во својата интерпретација има пасажи каде е совршено потентен, полн со емоции и страсти заборавајќи ја тешката и неизлечива ситуација во која се наоѓа и се чини дека мостот меѓу тие сцени и меланхоличните сцени е токму таа негова рационалност која ги прави тие сцени резонерски. Неговиот Иванов не е „патетичен и безвреден херој“ како што се нарекува самиот себеси, туку е тој губитник кој „не се дава толку лесно.“ Во своите паузи тој се одвојува од самите ситуации и делува тензично што наведува на заклучок дека овој Иванов нема никогаш да и потклекне на судбината и нема да се убие, како што напишал Чехов. Миронов овој лик го донесува на сцена со огромна умешност на голем актер. Владеејќи суверено со сцената, неговата транспарентност е магична, а неговата енергија неисцрпна. Незаборавна е сцената во која Ана Петровна го наоѓа како ја љуби младата Саша и неговата контрадикторна реакција на самиот крај од втроиот чин. Контрастната патека низ која го носи овој незаборавен Иванов го доведува до комплексно предаден лик кој се чини дека ќе остане засекогаш во аналите на Рускиот театар.
Ана Петровна на Чулпан Хаматова исто така носи дел од страственоста која е исто така нетипична за лик на жена која страда од неизлечива болест и се соочува со акутното неверство на својот сопруг кој ја крие својата незаинтересираност за нејзината очајна состојба. Чулпан Хаматова во оваа интерпретација внесува блага иронија која ја прави нејзината релација со Иванов уште потензична. Таа, како и Миронов повремено излегува од драматиката на својот лик и во него внесува една чудесна живост давајќи и димензии на очајната Ана Петровна кои наведуваат на историјата на ликовите на Чехов на кои Куљабин цело време инсистира во својата режија. Моќна во својот актерски корпус, Чулпан Хаматова исто така гради една Ана Петровна која е парадигматична. Таков е и Лебедев на Игор Гордин, грамаден руски актер. Крајно патетичен, неговиот Лебедев се движи на работ од лудилото што му го наметнува неговото семејство, но, се чини дека и тие ситуации во оваа интерпретација на Куљабин се задушени за да се отворат губитничките константи на сите ликови во оваа пиеса. Игор Гордин носи со себе една наместена веселост која нагло се издишува и го остава празен и бездушен. Гордин одигрува типичен претставник на оние фингирани величини во чија оснива се кријат поразителните чинители од кои, се чини дека нема бегање. Бескрајно талентиран, овој корпулентен актер извонредно го доловува тој неизбежен човечки крах кој се пренесува и на сите други ликови.
Сценографијата на Олег Головко се движи по современите канони опишани малку погоре и се чини, дека таа е таа модерна „пештера“ во чија клаустрофобија се одбиваат сите собитија на оваа пиеса. Колоритноста на првите два дела и сивоста на работната просторија на Иванов се крајните точки меѓу кои се движи визуелната територија на оваа претстава. Во тој опсег се движат и неговите костими: од „невскусните“ костуми на Лебедев и останатите во сцената на вечерата, па се до намерно истакнатите колорити на женските ликови од кои отскокнува задушените во бои костими на Ана Петровна. Како координата на оваа визуелизација е костимот на самиот Иванов кој е бледникаво обичен и се чини, дека Куљабин во таа визуелизација ја собрал целата негова негативистичка контемплативност.
„Иванов“ на Тимофеј Куљабин е радикално, но одлично фундирано читање на драмата за „безвредниот и патетичниот“ антихерој на Чехов. Неговиот режиски концепт низ исцедената од него патетика успева да ја реорганизра таа драматургија преку други оправдувања, крајно релевантни кои се однесуваат на денешната „лузерска“ провиниенција, но и на погубничкиот, дистописки начин на преживување во кој сето материјално е исто „неважно“, како што било „неважно“ и во времето на Чехов. Моќта на оваа претстава е во исклучително прецизната формулација и до точка на „и“ конструирана органика.
Рецензија на Сашо Огненовски