(Кон претставата „Госпоѓица Јулија“ од Август Стриндберг, режија Томас Остермаер, гл. улоги: Евгениј Миронов, Чулпан Хаматова, Јулија Пересилд, продукција на Театарот на Нациите, Москва)
Август Стриндберг оваа пиеса ја пишувал во духот на тој од петни жили прокламиран натурализам зачнат од Рмил Зола и на другата страна на океанот од Теодор Драјзер. „Госпоѓица Јулија“ е и пиеса пишувана за неговата сопруга која била актерка, но и за една театарска верност за која кога и да ја гледате ви се чини дека е многу лесно кршлива во смисла на логика и доследност.
Томас Остермаер во својата режија инсистира на еден наместен, договорен и исполнат натурализам кој е одамна зачнат од славниот Ингмар Бергман. Имено, потписникот на овие редови ја имаше таа благословена можност да ја погледне таа славна „Госпоѓица Јулија“ на големиот Бергман во изведба на кралскиот театар од Стокхолм во рамките на Белградскиот БИТЕФ пред повеќе од три децении каде големиот режисер натурализмот го изразуваше низ реално поминато време и верност во чувствувањето на дејствието. Во таа претстава можевме да ја видиме валканоста на подот донесен од Стокхолм и закован за сцената, во мирисот на чајот и кафето кое вриеше во реално време, во долгите паузи кои актерите ги доживуваа исто така во реално време, во еден континуитет кој фасцинираше и тогаш, таа претстава на сцената во Белград ни го донесе во тоа време не многу познатиот Питер Стормерво улогата на Жан. Остермаер во оваа верзија на „Госпоѓица Јулија“ носи една друга „верност“, а тоа е длабоката содржајност на околностите кои насочуваат кон нешто што се случува сега и овде. И секако на деталите. Бергман нема мноштво детали, но ја има емотивната бура на актерите како и во своите филмови, додека Остермаер го има тоа мноштво детали кое на свој начин ги предодредува релациите и ситуациите обременети со ововременските пречки и ситни внатрешни и надворешни деструкции. Она што овој режисер сакаше да постигне со оваа верзија на Стриндберговата најславна драма беше актерите да бидат видени во секој нивни атом. Затоа сцената за време на целата претстава полека се врти. Постојано. Цели два и пол часа. Така, пружајќи ја визурата неопходна за гледачот да се соочи со тој „неонатурализам“, Остермаер нурнува во некои други поттексти на овој текст, она што на Бергман веројатно не му го дозволило цивилизациското ниво во осумдесеттите годино на минатиот век. Затоа оваа претстава започнува со еден до крај натуралистички процес на готвење од страна на Кристина која е вереница на Жан. Оваа деталистичка расплинетост е координатата во која се провлекува целото понатамошно дејствие во кое има и суптилни фантастични елементи како што е снегот кој е прво во позадина, а потоа се пробива и внатре, во куќата, во срцето на самото дејствие. Оваа „Госпоѓица Јулија“ звучи многу современо, веројатно онолку колку што звучела современо во времето на Стриндберг кога и била цензурирана затоа што покажувањето на бестијалноста во водењето на љубов од страна на Јулија кон Жан се сметало за осквернување на чесноста на институцијата брак. Во оваа концепција таа бестијалност е адаптирана и фино вградена низ целото дејствие и натурализмот како систем на верни и реално значенски дејствија во реално време станува начин на предимензионирање на истиот и отфрлање на неговите и онака неодржливи постулати. Остермаер толку многу инсистира на детали што гледајќи ја претставата имате чувство дека ви недостигаат уште од нив за да помислите дека се она што се случува е „реално“. Тој со овој онцепт испраќа порака дека театарот никогаш не може да инсистира на натурализам како што секој актер чиј лик умира мора на крајот од претставата да стане и да се поклони на публиката. Тоа е една од вечните дилеми и на Пирандело, но тоа е друга студија, друга димензија. Оваа „Госпоѓица Јулија“ натуралистичките елементи ги користи за да ја изнедри таа мултизначност на вечната прељуба како ирационална одлука која носи голема болка и страдање.
Евегниј Миронов го донесува својот Жан многу суптилно. Многу посуптилно од сировиот, но шармантен Питер Стормер во претставата на Бергман. Шармот на овој извонреден руски актер е во неговата блага иронија која е автохтона, но е и единствен начин да се одигра умешен слуга кој долго време и запаѓал во око на госпоѓицата. Неговиот Жан има високи емотивни амплитуди, но има и длабоки рефлективни пасажи. Жан на Стормер имаше една несовладлива стаменост и една достоинственост на прислужник кој е одомаќинет во тој посед, но со една кршливост која навистина воодушевуваше. Миронов кршливоста на Жан ја изразува со сосема обратни изразни средства, со ненадејна суровост и токму со таа бестијалност која извира од него заедно со страста. Јулија на Чулпан Хаматова е дама со прилично потиснато либидо која својата вљубеност ја доживува како несовладлива бура. За разлика од Миронов таа одигрува една многу точна и конкретна стаменост на дама чија финансиска состојба дозволува послуга. Во тие околности оваа Јулија не е некаква благородничка која излегува од тие канони и прави и социјален и општествен скандал. За разлика од Миронов, Хаматова не кореспондира со многу суптилност. Тоа е нејзината почетна позиција, но за кратко време таа е гласна и вревлива, безочна и сурова што е едно дијаметрално различно толкување дури и од она што е напишано во текстот на Стриндберг. Извонредна и исклучително специфична изведба. Кристина на Јулија Пересилд е некаде меѓу овие два лика. Невидливоста на единствениот епизоден лик во оваа пиеса, всушност во оваа верзија значи константна видливост затоа што овде, оваа Кристина станува симбол на совеста и на двајцата вљубени. Кристина на Јулија Пересилд е крајно практична, крајно вешта и рационална, и чиниш отсутна. Но, нејзиниот поглед и нејзиниот збор нагло го прекинува дејствието и истргнува драматуршки пресврт кој ни потскажува дека можеби Стриндберг оваа пиеса ја пишувал токму за ововековните љубовни триаголници.
„Госпоѓица Јулија“ на Томас Остермаер не е своевиден трактат за погубноста на прељубата на двајца со различен општествен сталеж. Ововременската Јулија и ововременскиот Жан немаат сталежи. Тие се едностано делови од општественото милје кое им подарило различна судбина и овде, во оваа верзија тоа е сосема ирелевантно. Во оваа режија на Томас Остермаер прељубата е начин побрзо да се избега од здодевниот натурализам иако смртта која кај Стриндберг се најавува ја има и овде. Оваа интимна драма има една далечна фаталност на која сме свикнале како жители на оваа планета да биде некаде зад нас, да ни дише во вратот и на едно посакување на смртта во моменти кога сите делчиња од мозаикот нема да се склопат. Затоа натурализмот во оваа верзија е само околност, само сјајно спакуван параван во која еротиката и страста, а и бестијалноста говорат за болестите на овој грешен дваесет и први век.
Рецензија на Сашо Огненовски